Во Чифте-амам денеска се одржа прес конференција по повод претстојното претставување на Македонија на престижната меѓународна уметничка манифестација 59. La Biennale di Venezia 2022, на која говореа Дита Старова Керими, директорка на Национална галерија, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, Н.Е. Амбасадорот на Италија во Македонија, Андреа Силвестри, кураторот Ана Франговска и авторите на проектот, Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска.

Проектот “Landscape Еxperience” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, предложен од Националната галерија, е избран за официјален претставник на Република Македонија на Биеналето во Венеција. Kомесар е д-р Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија на Република Македонија; куратори се м-р Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на Република Македонија и д-р Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Р. Србија и кустос на проектот Evrovizion во одделението за визуелна уметност на IFA Штудгард.

Овој проект е всушност еден крик или врисок против се она што ни се случува. Крик против војната, пандемијата, загадувањето на животната средина, рече Моника Мотеска, заблагодарувајќи се на поддршката.

Локација на павилјонот е Scuola dei Laneri, Santa Croce 131 A, а инаугурацијата е закажана за 22 април во 18.00 часот.

„Landscape Experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска е мултимедијален проект кој вклучува видео инсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно се во фокусот на овој проект. На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите кои демнеат доколку не се превземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.

Навистина сме многу горди што оваа година Министерството за култура и Комисијата го издвоија нашиот проект да ја претставува Македонија на Венециското биенале, најголемото светско ликовно претставување. Ова е најголем настан од ликовната уметност. Подготвени сме, ја доработуваме корицата на каталогот, се останато е готово и во понеделник заминуваме во Венеција за да се претставиме, рече Роберт Јанкуловски, автор на проектот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.