Киното „Мирно лето“ во Кинотеката, вчеравечер беше претесно да ги собере гостите и посетителите на отворањето на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Место повеќе се бараше за премиерната проекција на филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, а со особено внимние беше проследен и музичкиот перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на новиот македонски бран на џез музика.

За „Некрстени денови“ филм кој плени со раскошна визуелност и со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна, публиката имаше можност за исцрпна дискусија со режисерот Трајков кој специјално за оваа пригода допатува од Чешка.

Од името на организаторот на Фестивалот, Филозофското друштво на Македонија поздравно обраќање имаше неговиот престедател, Љупчо Митковски. Тој потенцираше дека она што пред 13 години започна како иницијатива на неколкумина тогашни студенти на Институтот за филозофија коишто ги поврзуваше љубовта кон филмот и желбата да се има неформален простор да се дискутира и промислува за и околу филмот, низ годините се концептуализира и отелотвори во меѓународно препознатлив и автентичен Фестивал.

Во светот постојат едвај неколку фестивали со ваков предзнак, повеќето веќе згаснати, но само нашиот, благодарејќи на тимот непоправливи ентузијасти успеа да се закотви и да етаблира консеквентна програмска рамка. Затоа, не само ние, туку чинам дека и целата македонска културна јавност имаме поткрепени разлози да бидеме горди на овој факт што укажува на уникалност“, истакна Митковски.

Фестивалската програма продолжува денеска од 18.30 часот во Кинотеката со проекцијата на филм од официјалната селекција „Кралевите на светот“ (2022) на режисерката Лаура Мора, со која по филмот ќе биде организирана Q&A он лајн сесија.

Исто така од 21 часот во летното кино „Мирно лето“ во рамки на ревијалната програма ќе биде прикажан филмот од 1973 година „Туки Буки“ на „сенегалскиот Годар“, Џибраил Диоп Мамбети, а излагање за филмот и дискусија со присутната публика ќе има професорот Нил Кенеди.
Утре, в недела, како дел од официјалната селекција од 18.30 часот е филмот „План 75“ (2022) на Чие Хајакова. Од 21 часот пак во киното „Мирно лето“ како дел од ревијалната програма посветен на годинешниот фестивалски фокус кон Жан Лик Годар ќе биде прикажан „Во темнината на времето“. Потоа следуваат осум наслови од официјлната селекција на краткометражни филмови: „Сè по старо“, Лојд Ли Чои, „Над површината“, Јела Хаслер, „Ќебенцето“, Тепо Ајраксинен, „Бездомник“, Дајан Вејс, „За мене“, Али Асгари“, „Семка од авокадо“, Ари Зора“, „Второ лице“, Рита Барбоса, „Ноќна светлина“, Ким Торес.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на Македонија. Институционални поддржувачи на ФФФ се Агенцијата за филм и Министерството за култура на Република Македонија. Годинава Ревијалната програма „Филм-философија“ се реализира во партнерство со МЕДИА Деск МК. Во подготовката на ова издание значајна поддршка дадоа Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, Музејот на современата уметност Скопје, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.