По последните написи во дел од медиумите каде што се изнесени тврдења кои се потпираат на т.н извештај за работењето на Агенцијата за филм, изготвен од Работната група за утврдување на состојбите и на можностите за унапредување на работата на Агенцијата за филм, формирана од министерката за култура, а чија очигледна намена е да изврши директен атак врз кинематографијата, да го компромитира Друштвото на филмски работници, да ја обезвредни работата на фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“ и да ја оцрни филмската ревија „Златна рамка, Друштвото на филмски работници излезе со реакција.

Со формирањето на работна група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм составена од лица вработени во министерството, во време на техничка влада, која нема никаква надлежност да постапува и да утврдува состојби, а уште помалку да се става во функцијата над Државниот завод за ревизија, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерката во заминување, уште еднаш потврди дека доследно и до крај, е гробар на македонскиот филм и македонската култура.

Овој чин не може поинаку да се протоклува, освен дека е постапување по налог, бидејќи целиот извештај на оваа работа група е повторно прераскажување на смешните тези на Милчо Манчевски, за кои многукратно се покажа дека се фабрикувани.

Веќе нема никакви сомнежи дека главниот генератор на ова „кризно сценарио“ е токму Манчевски, бидејќи тој, овој извештај го цитираше во јавноста, неколку дена пред самиот да го објави во целост.

Дали ова негово здружување со Костадиновска Стојчевска, а потпомогнато од лица кои се на раководни функции во Министерството и кои се потписници на споменатиот извештај, укажува на концентрација на моќ чија единствена цел е реваншизам кон успехот на домашната кинематографија и афирмирање на лажната неприкосновеност на Манчевски?

Зошто во извештајот, кој е изработен во април и мај 2024, не постои информација за потпишувањето на пред-договор со Банана филм за филмот “Биста” на Манчевски, кое се случи во средината на мај, спротивно на одлуката на Управниот одбор на Агенцијата за филм, а потврдена од Вишиот управен суд, за стопирање на финансирањето на проектите на оваа продукција?

Овие чудни, насилни и избрзани реакции, евидентно укажуваат на намера да се уништи македонскиот филм, да се уништат македонските филмски продукции, да се уништи Друштвото на филмски работици, а особено да се разединат продуцентите од секцијата Продукија при ДФРМ, кои веќе втора година по ред водат сизифовска борба со Агенцијата за филм и Министерството за култура, барајќи еднаков третман на сите продуценти и подобри услови за филмските професионалци.

Уште еднаш потенцираме дека во ДФРМ, по пријави од страна на Манчевски поминаа сите можни инспекции од министерството за култура, финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување корупција и како што е евидентно и познато, кај нас е се чисто!

Наспроти ова, како што е познато и во јавноста, за Милчо Манчевски, односно неговата компанија „Банана Филм“, по сомнение и елементи за сторени кривични дела се водат истраги од страна на ОЈО и Финансиската полиција.

Ја информираме јавноста дека по изјавите во медиумите, во кои се пласирани невистини, ДФРМ ќе поднесе тужба за клевета, а ќе ги разгледа и елементите за кривична пријава поради фабрикување на информации од страна на членовите на работната група.

Го повикуваме идниот Министер за култура Зоран Љутков, приоритетно да ги расветли до крај сите овие клевети кои стигнуваат од ресорното министерство, со надеж дека час поскоро филмските работници ќе можат да здивнат од овие лоши бирократски сценарија и да се фокусираат на нивната работа, филмот, најголемиот амбасадор на нашата култура“, се вели во реакцијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.