Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска одговорајќи на новинарско прашање посочи оти не е запознаена со наводните шпекулации за повторно назначување на Бојан Лазаревски за в.д. директор на Агенцијата за филм откако ќе му заврши мандатот. Како што рече, има активен оглас за директор на Агенцијата, и ги охрабри сите заинтересирани да се пријават.

Јас не знам каков е тој обид за негово повторно назначување. Знам дека има активен оглас за в.д. директор на Агенција за филм и ги охрабрувам сите заинтересирани да се пријават. Тоа е директорско место кое што се бира на ниво на Влада. Сите што се заинтересирани за тоа место можат слободно да се пријават. Комисијата ќе си одлучи по документите, односно кој е најдобриот кандидат и ќе се избере директор, изјави денеска Костадиновска Стојчевска во одговор на новинарско прашање, по потпишување на Меморандумот со Универзитетското собрание при УКИМ во Скопје.

Инаку, мандатот на сегашниот в.д директор истекува деновиве и има активен оглас распишан од страна на Владата.

Костадиновска Стојчевска потсети и дека Министерството за култура имаше негативен извештај во однос на целокупното работење на Агенцијата за филм.

Извештајот не е за работење на директорот Бојан Лазаревски, туку на целокупното работење на Агенција за филм затоа што имаше одредени извештаи кои што не биле поднесувани. Ние како Министерство за култура, кое е надлежно да врши надзор на нивната работа се произнесе и тоа си влезе во владина процедура, додаде Костадиновска Стојчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.