Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска информира дека по неполни четири години, интервенциите за целосна заштита на црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново се во последна фаза, со што сонот и заложбите на генерации експерти од заштитата се реализирани.

„Црквата на Ангелот од Курбиново трпеливо чекаше на достојно внимание. И го доби, и стана наш врвен приоритет. Црквата доби статус – добро во опасност, со што ги мобилизиравме сите стручни и материјални ресурси од заштитата“, вели министерката за култура. Таа додава дека свесни за непроценливата вредност на овој драгоцен камен од мозаикот на нашето културно наследство, Владата, Министерството за култура, Заводот и музеј Битола и институциите од заштитата започнаа сериозен, комплексен зафат еднаков на подвиг.

„Европскиот центар за византиски споменици од Солун во овој потфат беше наш исклучително вреден стручен соработник“, истакнува Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека оваа скапоценост од 12 век, што ја впишавме на Тентативната листа на УНЕСКО за светско културно наследство, сакаме што поскоро да биде видлива во сиот свој сјај и за светската јавност.

„Токму нејзиниот фрескоживопис ја вбројува оваа црква меѓу најважните дела на средновековната византиска уметност во светски рамки“, додава Костадиновска-Стојчевска, потсетувајќи дека во пандемичната и неизвесна есен 2020-та со крајно внимание, неопходна стручност, со рекордно зголемен буџет за заштита на културното наследство во опасност и по проект изработен со огромна професионална посветеност, започнаа конзерваторско-реставраторските интервенции на архитектурата, а потоа и на ѕидното сликарство на црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново.

Костадиновска-Стојчевска нагласува дека и покрај апелот и напорите на експертите од заштитата, како што вели, системската речиси негрижа и несоодветните приоритети во културните политики особено во минатата декада, го доведоа ова уникатно културно богатство во сериозна опасност.

„Иако паралелно се одвиваат конзерваторски и реставраторски работи и на скопскиот Аквадукт, на многубројни цркви и манастири, како и санација на спомен-обележјата од НОВ, без задршка можам да кажам дека црквата ’Свети Ѓорги‘ во Курбиново беше приоритет во нашата политика за заштита на културното наследство како уште еден битен и несоборлив идентитетски столб“, вели министерката за култура.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство кое претставува несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век (1191 година), особено по оригинални фрески меѓу кои и фреската на Ангелот Гаврил од Курбиново (како дел од композицијата Благовештение), која е отпечатена и на банкнотата од 50 денари. Почнувајќи од 2013 година, реализирани се неколку проекти за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како што се конзерваторски истражувања, анализи, реконструкција и активности за конзервација на црквата, за што досега се исплатени над 360.000 евра, буџетски средства.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.