Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва ќе гостува во Дубровник, Хрватска каде што ќе одржи концерт на сцената на „Кнежев двор“. Солистички на концертот ќе настапи хрватската виолинистка Џана Кариман, концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар, а диригент е маестро Бојан Цанев. На програмата се „Медитеранска суита“ од балетот „Дубровачка легенда“ од Љубомир Бранѓолица, Концертот за виолина и оркестар во А-дур од В.А. Моцарт и Симфонијата бр. 5 во Бе-дур од Франц Шуберт.
Концертот во Дубровник се реализира како дел од годишната програмата на институцијата, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Џана Кариман (1989, Дубровник) на седум години започнала да учи виолина во уметничкото училиште „Лука Соркошевиќ“ во класата на проф. Иванка Калањ, а во 2011 година ги завршува студиите на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Леонид Сокоров. Учествувала на бројни натпревари во земјата и во странство. Добитничка е на први награда на интернационалниот натпревар „Рудолф Матц“ во Дубровник, натпреварот „Бетовен“ во Санкт Пелтен и Интернационалниот натпревар по виолина во Казакстан. Како солистка настапила со Дубровничкиот симфониски оркестар, оркестарот на Хрватската радио телевизија, Сараевска филхармонија, Загрепска филхармонија, Загрепски солисти, Камерен оркестар Задар. Таа е член на познатиот хрватски камерниот ансамбл „Загрепски солисти“ и концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар.
Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Диригирал и со Филхармонијата во Краков, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар и многу други. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Кирил Трусов, Штефан Дор, Џозеф Алези… Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: Жорж Енеску, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката – Загреб и др. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.