Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва, на 1 јули 2024 година, со почеток во 20,30 часот, на колонадата пред Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“ под наслов „Фолклорни вибрации“.

Мисијата на ансамблите, како што е „Орце Николов”, е да ја зачуваат „свежината и изворноста”, зошто фолклорот не само што треба да се сака, туку треба и да се разбере. Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов” од Скопје, Македонија е формиран 1945 година, со цел да ги негува и прикажува обичаите, народните игри, песните, музиката , инструментите и носиите на Македонија и пошироко.

Во изминатите години Ансамблот„Орце Николов“ постигна забележителни резултати и успеси на полето на фолклорното творештво, за што говорат повеќе од 400 домашни и меѓународни награди и признанија, а гостувајќи на голем број фестивали во светот се здоби со високо реноме и светска афирмација.

Во Ансамблот „Орце Николов” минале повеќе од 15 000 членови кои приредиле околу 6700 концерти во земјата и ширум светот.

Вечерва, со почеток во 19 часот во Театарот за деца и младинци, ќе се одигра детската претстава „Хајди“, работена според романот од писателката Јохана Шпири. Режисерка е Драгана Гунин, а драматизацијата е на Драгана Лукан Николоски. Претставата е наменета за возраст од 6+ години.

Со почеток во 20,30 часот, на Ѕвездено небо пред Националната опера и балет ќе се одржи концерт на хорски солисти на Националната опера и балет.  Ќе учествуваат: Денис Димовски,  Билјана Бајевска, Катерина Весковска,  Марија Наумовска, Виктор Битовски, Никола Чедомировски, Мила Николовска, Надежда Рубен во пијано придружба на Елена Сиљаноска.

Ако временските услови се проследени со врнежи од дожд, невреме и слично, концертот ќе се одржи во Фоајето на Националната опера и балет.

Влезот е слободен.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.