Во рамки на „Скопско лето 2023“, во Сули ан вечерва (сабота, 29 јули) од 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Алиса во Апсурдистан“ од Јулија Петровска, а притоа со специјално приготвен соло сет на клавијатури и теремин присутните ќе ги чествува музичарката Ива Дамјановски.

Алиса е сосема обично девојче, пораснато тегнејќи се по гранките на маалските дрвја, со калливи прсти (од ловење полноглавци под Железничка) и со мнооогу книги.

Дали ваквата средина е виновна за нејзиниот непоправлив идеализам и искривена перцепција на реалноста останува мистерија.

Скопските улици ја сообразуваат со една поинаква реалност.

Државните институции со една сосема друга.

Алиса низ годините неповратно ги губи своето трпение, нерви, а богами и манири. Со текот на времето сѐ помалку чувствува потреба да „припаѓа“ во опкружувањето во кое живее.

Алиса, најсуптилно што може, зборува за бизарните моменти од секојдневието што го живееме во нашиот прекрасен Апсурдистан. Зборува за оние нешта за кои пламено се разговара „уз кафе“ или „у кафана“, но кои, од којзнае кои причини, се третираат како нешто за кое нема поента да се дискутира јавно, јасно и гласно.

Невозможноста „функционално“ да се вклопи во системот, Алиса бидува алката што чкрипи, што го заглавува механизмот добро-подмачкан со двојни стандарди и опортунизам – слонот во продавница за кристал.

Не знаејќи како да најде разврска за клопчето во кое сѐ повеќе се заплеткува, Алиса, се смалува себе си и тргнува во потрага по дупката на зајакот, надевајќи се дека таму ќе најде одговори за сопствената „очуденост“.

Изложбата Алиса во Апсурдистан е покана за преиспитување на секојдневието кое нѐ уморува, кое неповратно ни ја цица животната енергија оставајќи нѐ со празни раце и мамурна главоболка.

Дали е можно спокојно да се битисува во една волку фрагментарна и површно-утилитарна реалност?

Дали кулите од материјален комфор во кои се затвораме ги задоволуваат инхерентните човекови потреби за разбирање и припадност?

Придружете ѝ се на нашата анти-хероина во нејзиното патување низ Апсурдистан во потрага по одговори, значење и смисол“, стои во најавата за настанот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.