Во Националната галерија Мала станица вечер во 20 часот ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Aeterna Nova“ на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС Скопје. Изложбата е посветена на облековната култура на сите етнички заедници кои живеат во државава.

Од Здружението посочуваат дека изложбата презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.

Куратор и режисер е Филип Петковски, фотографи се Марко Марјановиќ и Жарко Чулиќ, а за постпродукцијата на фотографиите се погрижи Ивана Мојсовска-Головска. Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио фолклор“ и Фолклорното студио „Етнос“.

Модели на фотографиите се: Еџе Али и Марко Марјановиќ, фотографи, танчерката Билјана Балканска, режисерката Дина Дума, музичарите Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи), Дина Јашари и Зарина Првасевда, актерките Емра Куртишова, Симона Спировска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, моделот Катарина Ивановска, Венера Крлиу, професорка и проректор за настава при Универзитет „Американ колеџ“ од Скопје, примабалерината Мими Поп Алексова и ракометарот Мартин Томовски.

Потенцирајќи ја сложената изработка на самоуките креатори на овие костими, изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време. Оваа способност на фотографијата да ја долови и реконтекстуализира историјата е особено релевантна, бидејќи ваквата реконтекстуализација ја предизвикува перцепцијата за овие облеки како застарени и ирелевантни. Наместо тоа, „Aeterna Nova“ ги позиционира како динамични елементи на современото културно изразување, истакнувајќи ја нивната естетска вредност и вештината вклучена во нивното создавање, се вели во соопштението на ВУЛГУС.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.