Утре во 20 часот, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена самостојната изложба ,,Интимно Понирање,,од авторот Трајче Чатмов.

Ќе бидат изложени 20-тина дела работени во последната година во техника акрил на платно . Слики кои досега не биле изложени и кои се продолжување на циклусот ,,Интимно Понирање,, но и слики со една нова колористична гама . За неговиот последен циклус на дела професорот Гоце Наневски ќе каже : Дали закопувањето на контаминирана земја со цезиум во земјена дупка, е чин со кој ја спасуваш останатата земја и се на неа? Дали ако носиш парче од некое свое дело во џебот го носиш и целото дело? Дали ако си говориш себе си на некој неразбирлив јазик, е разговор со самиот себе? Дали возењето со ист автомобил во кој се возел друг човек значи дека си се возел со истиот човек?

Понекогаш е полесно нештата да ги предвидиш одколку да ги погледнеш наназад. Добро е да гледаш нанапред со сликата. Малку гледаме нанапред иако иднината го бара тоа од нас. Сакаме да ја менуваме иднината, таа е мистериозна, таа нуди дарови и слики.

Погледот на минатото е поглед на слика од коцки и кругови(намерно не велам топки), таа не учи и ја има моќта да не охрабри. Можните истории ги нуди само иднината, оној момент кога ќе го разбереме тоа, разбираме зошто минатото е такво. Сакаме ли некако наназад да ја (по)влечеме иднината? Дали можеме да бидеме во исто време и во минатото и во иднината? По некаква логика тоа е (не)можно, или ако еден лист хартија го превиткате на пола, две точки од него ќе се најдат на исто место.
Создавањето уметност врз почва полна со „храна” е убаво. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да го има предвид времето во кое таа е создадена. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да ги има предвид општествените услови во кои таа е создадена. Нема добри услови за создавање уметност. Добрите услови се одтаде уметноста.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.