На 6 октомври во 19 часот во НУ Музеј на Република Македонија во Скопје ќе се одржи изложба на концептуален филигрански накит со наслов “МАМКА” на уметницата и етнолог Марија Милошевска.

Марија Милошевска веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт.

Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, во 2017 го создава брендот “МАкедонска МушичкА – МАМКА” кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата.

Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини.

„МАМКА“ е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, преку практичен и уметничко – научен пристап.

Културата, како начин на живот, претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација.

Куратор на изложбата е Лени Дончева, историчар на уметност која работи како куратор во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија.

Емилија Лазаревска магистер во областа на реставрација и конзервација на темперна техника, преку нејзиниот уметнички сенс несебично придонесе за креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна.

Видео инсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при универзитетот Westminster во Лондон, В.Британија.

Фотографиите се на Александар Ивановски, асистент Оливер Настески.

Проектот е од национален интерес во културата за 2022 година, и е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

Изложбата ќе трае до 24 октомври 2022 година.

Биографија Марија Милошевска

Марија Милошевска е родена 1982 година во Скопје, Југославија. По завршувањето на студиите по етнологија и антропологија на Природно – математичкиот факултет во 2004, се фокусира на изучување и пренесување на процесот на филигранската техника преку разни медиуми. Во 2009 година, го изведува првиот перформанс во кој ја прикажува филигранската техника како процес на оживување, почнувајќи од постојаноста на материјата, преку вдахнувањето форма и содржина, до самиот крај, кога делото живее и поседува љубов и енергија.

На XIV Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот, во областа на применетите уметности, кое се одржа во Скопје во 2009, Марија Милошевска е еден од претаставниците на Македонија.

Првата самостојна изложба на филигрански накит и инсталации „ОРОРОК – ладна жица стопена во жежок ритам“, инспирирана од ексјугословенската рок-музика, Милошевска ја презентира во 2011, во Скопје, Гевгелија и во Љубљана.

2012 година е значајна творечка година за Милошевска, изведува уште два перформанса на филигранска техника, во Скопје и во Виена, и го промовира и својот прв документарен филм „Сребрена песна“/Silver song, претставен на повеќе фестивали надвор од Македонија.

Фестивалот за документарни рок-филмови „ДОРФ“ во Винковци, Хрватска, четири години и ја даде довербата да биде дел од креативниот тим и да ги дизајнира наградите. Во јули 2015 година ја изработува наградата за животно дело за музичарот Дејвид Боуви, доделена од фестивалот „Skopje Cinema City“.

Во соработка со кураторската организација „Something human“ од Лондон, Милошевска реализира два перформанси, „Дом, миграција, идентитет“ во Скопје и „Crisis”, во Bonington Gallery, Нотингем, В. Британија.

Во 2017 година е дел од проектот за претприемачи во организација на CEED HUB, поддржана од програмата IME на Амбасадата на Швајцарија во Скопје.

Марија Милошевска со перформансот на филигранска техника на тема „Уметноста е жива”/ „Art is alive” го отвора фестивалот за нови медиуми Grisia Youth во Ровињ, Хрватска (2018).
Истата година во ноември Милошевска учествува во истражувачката програма на Номадски дијалози (Nomadic dialogue) во организација на CCFT (https://www.researchcatalogue.net/view/380422/491653) на Универзитетот за уметност, музика и дизајн во Берген, Норвешка, каде се претстави со перформанс и изложба на тема „Between imaginary boundaries“ и „The ethics of fly fishing“.

Во април 2019 е дел од изложбата „Раскршће” на светскиот мајстор на филигранска техника Горан Ристовиќ, во Манакова куќа во Белград, Србија.

Марија Милошевска е основач на брендот #МАкедонскаМушичКА – МАМКА, чии производи ја пренесуваат приказната за најстарото пишано сведоштво за рибарскатата мушичка позната во светот под името Macedonian Fly.

Идејата за овој бренд како дел од областа на креативните индустрии е претставена на Creative business cup North Macedonia 2021.

Колекцијата „MAMKA“ на Марија Милошевска ја добива наградата BIG SEE моден дизајн за 2021 во конкуренција на 23 земји од Европа – https://bigsee.eu/marija-miloshevska-mamka/
Во периодот од 25 август до 12 септември 2022 година колекцијата МАМКА беше промовирана во Етнографскиот музеј во Белград каде воедно беше и првата концептуална изложба од современ карактер во 121 година постоење на овој музеј во Белград.

Биографија Ленче Дончева

Ленче Дончева e родена 1977 во Скопје.

Во 2004 дипломира на катедрата Историја на уметност и археологија при Философскиот факултет во Скопје, како историчар на уметност.

Од 2000 година живее во Бад Херсфелд, Германија, а од 2013 е вработена како куратор во Градскиот музеј на Бад Херсфелд, Германија.

Досега има работено на многу градски проекти од областа на уметноста и културата меѓу кои:
– 2013 како иницијатор, подготовка на концепт и реализатор на уличната изложба „Историски личности од Бад Херсфелд“;

– од 2014 до 2016 маркентишка соработка со познатиот европски и германски театарски фестивал „Hersfelder Festspiele“. Во овој контекст таа реализира бројни уметнички инсталации и изложби за фестивалот и соработува со познати германски театарски режисери како на пр. со познатиот Холк Фрајтаг;

– од 2015 до 2018 учествува на многу уметнички проекти, во соработка со друштвото на ликовни уметници од Бад Херсфелд и со германскатa уметница Магдалена Грем, како и со полската уметница Марија Вичорек;

Од 2013 редовно иницира и реализира педагошки работилници за Градскиот музеј во соработка со Гете Институтот од Нонси, Франција како и бројни педагошки акции и презентации во рамките на Друштвото на музејски работници од Бад Херсфелд. Таа е активен член на друштвото од 2014 година.

Од 2018 до 2020 е сопственик на кафе-галерија во етнолошкиот музеј Кирхајм, каде соработува со Бертолд Шмит, познато име од областа на етнологијата во Германија, каде повторно преку бројни изложби и културни проекти ја менаџира и негува германската традиција и фолклор.
Куратор е на изложбата „Траме дел анима“ на италијанската уметничка група Студио Диечи од Верчели, како и на уметницата Арија Ати, галериста од Касел и соучесничка на светски познатата изложба Документа.

Во 2022 година таа е во жири-комисијата задолжена за избор на уметнички дела, на покана од Друштвото на ликовни уметници од Фулда за нивната годишна изложба во Музејот Фондерау.
По нејзина иницијатива градот Бад Херсфелд реализира информативни плочи во јавниот сектор за познатиот светски архитект Фрај Ото, како и реставрирање на музејската скулптура „Св. Матеј“ од 17 век.

Биографија Емилија Лазаревска

Eмилија Лазаревска е родена 1977 год. во Скопје. Диплимира на Факултетот за ликовни уметности 2002 год. Скопје, оддел графика со графички дизајн во класа на проф. Костадин Танчев – Динка. Во 2019 год. се стекнува со научно уметнички степен Магистер по ликовни уметности од област реставрација и конзервација – темперна техника. Има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во Р. Македонија и странство. Добитник е на наградата „Драгутин Аврамовски – Гуте”, Македонско ликовно творештво во мал формат – КИЦ.

Од 2002 работи во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, оддел за конзервација и реставрација на икони. Во 2020 добива стручно звање Конзерватор советник за конзервација и реставрација на икони. Член е на ДЛУМ, МНК ICOM и ICOMOS.

Има професионални достигнувања во повеќе проекти од областа на графички дизајн, визуелни уметности и мултимедија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.