Државниот архив на Македонија и Државниот архив на Војводина денеска во Нови Сад – Европска престолнина на културата во 2022, ја отворија изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Нови Сад и Архивот на Војводина е прва станица на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ бидејќи овој град е Европска престолнина на културата за 2022 година. Сметам дека изложбата ќе биде добра промоција на нашата историја, култура и традиција, и тоа е најнова изложба на Архивот чиј покровител е претседателот Стево Пендаровски, што ја организиравме на 4 февруари во Скопје, изјави Емил Крстевски, директор на Државниот архив наМакедонија.

Тој ја истакна добрата соработка со Архивот на Југославија, Државните архиви на Србија и на Војводина, со кои се склучени договори, истакнувајќи ја соработката со Архивот на Југославија за процесот на сукцесија на СФР Југославија за преземање на архивската граѓа од овој архив.

– Нови Сад е престолнина на европската култура и драго ни е што Нови Сад и Србија се препознати како место каде што треба да се постави изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, изјави Небојша Кузмановиќ, директор на Архивот на Војводина, истакнувајќи дека во 1926 на ист ден во тогашна Југославија институционално се отворени архивите во Скопје и во Нови Сад, што помеѓу останатото влијае за посебниот меѓусебен однос и соработка, во однос со останатите архиви од поранешна Југославија.

Оваа изложба за Гоце Делчев покажува дека без архивските документи и без архиви можат да се кажуваат приказни, но не можат да се кажуваат вистини, бидејќи во архивите се наоѓаат факти преточени во документи. И кога тие документи ги изнесете на виделина, дали преку изложба, дали преку книги или емисии, дури тогаш ја покажувате сериозноста на она за што говорите, како што е Гоце Делчев кој е најзначајна историска личност во Македонија, кој се борел против Отооманската империја и за создававање на македонскиот идентитет, изјави директорот на Државниот архив на Војводина, истакнувајќи го задовлството од соработката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.