Тој е маестро Александар Џамбазов, а не господин Џамбазов. Обраќањето со господин не го прифаќа. Со добитникот на наградата за животно дело на годинашниот „Скопски фестивал“ се сретнавме неколкупати пред да се согласи да пишуваме за неговата животната приказна. Иако нашите средби траеја со часови во пријатен и отпуштен разговор, маестро Џамбазов се двоумеше дали да ја направиме оваа приказна. Неговата кариера е богата и долга, но ретко се согласувал да даде интервју. Сепак, благодарение на мојата упорност и на помошта од неговиот син Џамбаз Јуниор, успеав во намерата заеднички да ги потсетиме повозрасните на човекот што направи многу шлагери, а на децата да им го претставиме човекот што ги напиша песничките со кои растат, „Еј гулаби, гулаби бели„, „За сите деца“, „Песна за Скопје“, „Мојата учителка“…
Таткото на детската песна во пензионерските денови е посветен на синот и на ќерката – Игор и Тања Џамбазови, и на спомените на неговата сопруга, легендарната Анче Џамбазова. Секој напис, секоја фотографија, секој видеоматеријал од семејството Џамбазови е спакуван во архивата. И денес тој ги снима сите појавувања на Игор на телевизија. Некои од снимките и написите во медиумите ѝ ги испраќа на Тања, која со години е на американскиот континент.
– Има една мисла што сум ја прочитал и ми остана во сеќавање. Не бев свесен дека живеам со неа: „Животот што ни го дава природата е краток. Но, сеќавањата на незаборавните години се вечни“. Денес мојата дефиниција како личност, по таа судбина живот без Анче, е дека вегетирам со незаборавните спомени од минатото. Кога разговараш со мене, ме гледаш темпераментен, но јас кога сум сам е поинаку. Јас живеам со сеќавањата – вели маестро Џамбазов.
Насмеан, досетлив и со одлична меморија. Очигледно, Игор Џамбазов го има наследено генот за смисла за хумор, но и за добро паметење од својот татко. Се сеќава на многу детали од животот. Тргнувајќи од последната награда за животно дело го прашав дали може да се сети на наградите и на општествените признанија што датираат уште од поранешна Југославија, поради кои, навистина, го заслужи ова последно признание. Светска награда на интернационален конкурс во Кава ди Тирени во 1966 година за композицијата „Рапсодија за Скопје“, прва награда на „Стихови и тонови“, награда во рамките на „Струшките вечери на поезијата“ за композиција инспирирана од стихови на македонски автори, награда „Млад борец“, награда за манифестацијата „Курирче“, баграда „13 Ноември“, „11 Октомври“ за животно дело, награда за животно дело „Трајко Прокопиев“, статуетка „Младо поколение“, „Курир Јовица“ на Советот за воспитување на деца во Југославија, Орден на Републиката со бронзен венец, награда за животно дело на Сојузот на естрадни работници на Југославија, југословенски рекордер на фестивалот во Опатија со 21 композиција, награди во Сплит, Сараево, Војнички фестивал во Белград, во Ниш, фестивали на детска музика, троен победник на „Скопскиот фестивал“… За некои се сети, за некои го потсетив од тоа што го најдов и прочитав за него. Ме изненади со неговата меморија, со оглед на тоа дека не му оставив време да прочепка во неговата богата музичка архива.
Една од најзначајните награди е таа во Италија, за композицијата за соло-пијано и симфониски оркестар во конкуренција на 78 песни. Тој е првиот Македонец, а третиот Југословен што добил меѓународна награда. Пронајдов напис од 1966 година со наслов – „Бах и џез во Рапсодија за Скопје“, каде што се извадени италијанските критики за неговата композиција инспирирана од катастрофалниот земјотрес: Една од најуспешните композиции што сме ја слушнале, модерна композиција со искра на одушевување во мрачното море од разбирлива тага…
– Не отидов да ја примам наградата, имавме некои проби околу настапот на Денот на солидарноста, доаѓаа врвни пејачи, големи подготовки. Подоцна, кога ја прочитав критиката овде си реков ова за мене е или не. Јас самиот не верував што пишува. Таа песна беше инспирација сега починатиот Димитрие Османли да го сними филмот „Мементо“. Германски диригент поминува низ Македонија, се запознава со млада девојка Јана, оди во Грција да диригира, се враќа, ја бара, Скопје урнато… Требаше да одам во Љубљана за да снимаме еден дел, но ми беше страв да одам со авион, па тука приспособивме, во сала – се присетува маестро Џамбазов.
Во една стара сторија за Џамбазов прочитав дека паричните награди што ги добивал ги подарувал. Во 1969 година добил награда од 200.000 динари за песната за „Билјана“ што ја пееја Лео Мартин и Џани Маршал, парите ги дал како помош за настраданите во земјотресот во Бања Лука. Во 1970 година ја подарил паричната награда за мелодијата „Запрете возови“, а две години подоцна и наградата од 300.000 динари за познатата „Еј гулаби, гулаби бели“. Тие пари ги има донирано во УНИЦЕФ, од каде што има добиено и признание. За ваквиот чекор вели:
– Тоа беа други времиња. Сакав, можев и имав желба. Така бевме воспитувани. Една улица, една фамилија. Веројатно знаев што значи да немаш, да си гладен. Сум бил дете на улица, моите по затвори, по партизани… Во Штип ме хранеле бугарски војници. Имаа кантина, печеа леб, бугарски војник ми сечеше леб и ми даваше, за мене и за баба ми. За жал, денес нема такви чувства, нема желба да се подарува. Иако сум во сегашноста, живеам во минатото.
НАЈГОЛЕМИТЕ КОМПЛИМЕНТИ
Наградите и признанијата се сатисфакција, но големите комплименти се уште поголема сатисфакција. Побарав познатиот музичар да се присети на тие моменти во кариерата што му биле мотив за уште повеќе труд и работа:
-Во 1960 година, уште како студент испратив композиција на фестивалот во Опатија. Тоа беше југословенски „Сан Ремо“. Во конкуренција на 402 композиции, мене ми ја примија „Песна на враќањето“. Македонската куќа тогаш ме прати да присуствувам на фестивалот. Мојата песна ја пееше Габи Новак. Бојан Адамиќ, член на жирито, ми вика: „Како е вашиот татко“. Ми персира, а јас детиште. Се чудам од каде го знае татко ми?! И прашав зар се познаваат. Ми вели: „Не, мислев ќе дојде вашиот татко поради композицијата“. Гледам збунето и велам: „Маестро, јас ја напишав композицијата“. Ме гледа и зачудено вели: „Што?! Кој?! Како?!“ Тоа беше првиот суперкомплимет што го добив.
Следната година Џамбазов од војска испратил две композиции на конкурсот во Опатија, двете му ги примиле. Следната година, 1962 година, сѐ уште во војска, бил префрлен во Врање, испратил три композиции, трите му ги примиле.
– Ѝ реков на Анче да ги даде на препишувачи и под шифри да ги испрати во Југословенската радио-телевизија за конкурсот за Опатија. Еден и пол месец подоцна дојде Анче со татко ѝ и вика: „Ти примија три композиции“. Шок. Јас во транс, ќе побудалам, не можам да поверувам. Таа година победи Пешев со „Еден бакнеж“. Интересна е приказната за „Љубов и мотор“, една од трите композиции што ги направив. Додека бевме во Билеќа, Миќо Орловиќ беше со мене во војска. Тогаш беше ѕвезда, пренесуваше светски натпревари… Прочитал текст во хумористичното списание „Јеж“ и ми вика, Џамбo ај прочитај го овој текст, многу е духовит… Го читам текстот и компонирам – раскажува тој и почнува да пее „Дивим се Аниног љупом биќу, ал ипак више волим фиќу. Лепо је кад сам с мојом Аном, ал лепше лепше за воланом. Какве сонате, какви славуји, песма је кад фиќин мотор зуји. И није ова неко откриќе и мене Ана воли воли због фиќе, ал једног дана кад мотор стане, престаќе и љубав моје Ане…“
Така настана „Љубов и мотор“. Хит беше да се има фиќо… Ја пееја „4М“, најдобриот вокален квартет во Југославија. Втората верзија ја пееше Мики Јевремовиќ, му дадов шанса, тогаш првпат се појави на Опатија. За да ја направат, се отвори сцената и на неа влезе фиќо. Цела сала шок, а овие мангупи играат, прават шоу. Фабриката решила да го подари фиќото. А, кој да го земе? Композиторот, авторот на текст или изведувачите? И решивме да се подари на некоја хуманитарна организација – додава тој.
Пред фестивалот, кога се отворале пликовите за да се провери чии имиња стојат зад шифрите под кои се запишани избраните композитори, сосема случајно се погодиле првите пет пликови да бидат од македонски композитори.
– Еминентно жири ги отвора пликовите за избраните песни, ги гледаат шифрите, и да се погоди првиот плик музика Александар Џамбазов, фино Македонец, втор Петар Пешев, уште еден Македонец. Трет плик „Киша“, Александар Џамбазов, луѓе што е ова? Четврт плик Пешев, сите шокирани. Петтиот плик Џамбазов. Станува едниот од нив и вика „ако е повторно Џамбазов ќе го поништам фестивалот“. Па поголем комплимент не сум можел да добијам. Потоа, наредните години Пешев имаше уште една композиција. Јас на трите први фестивали имав шрдт мои песни, потоа до 1968 година имав 11 композиции во Опатија – се навраќа Џамбазов на годините наназад.
ТАНЦОВ ОРКЕСТАР
Маестро Џамбазов 37 години од својот работен век помина како диригент на Танцовиот оркестар во МРТ. Вели дека ова е благодарение на исклучителната личност на Драган Ѓаконовски – Шпато, како и на појавата на култните филмови „Бал на вода“, а подоцна „Момчето со труба“.
–Во 1961 година ме избраа за претседател на жирито да се формира тој биг-бенд. Примив тројца музичари, од кои двајца не знаеја ноти. Во 1961 година се роди Танцовиот оркестар, прв човек беше Шпато. По земјотресот во 1963 година, отиде оркестарот во Битола. Тој мораше да оди во Белград, ме повика директорот и ми кажа дека морам да го преземам оркестарот. Така станав диригент. 37 години го водев, до моето пензионирање во 2001 година.
„Бал на вода“ и Шпато се најголемите „виновници“ за успехот на Џамбазов. Првата композиција ја напишал во 1953 година, „Мексикана“, на која Шпато направил мали корекции и потпишал: „Поправио Драган Ѓаконовски – Шпато“.
–Имав среќа на 17 години да свирам гитара во оркестарот на Шпато во фабриката „Прогрес“ кај стариот Цветен пазар. Правевме игранки. Тогаш ја напишав „Мексикана“, тогаш доминираше јужноамериканската музика и џезот. Сите почнавме во тој стил. Паралелно дојде легендарниот „Бал на вода“. Сите побудалувавме по таа убавица Естер Вилијамс, која е сѐ уште жива. Мислам дека тој филм, тие еден и пол час, ни ја одредија животната судбина и мене и на уште два-тројца. Реков, јас морам да станам композитор. Шпато го гледал деведесет и два-три пати. Симнуваше музика. Со батерија му светат, а тој запишува. Јас сум го гледал 21 пат. Бевме маѓепсани, дрогирани од таа убавина.
ТАТКО НА ДЕТСКАТА ПЕСНА
Токму тој е еден од виновниците за создавањето на „Скопскиот фестивал“. Сѐ почнало како конкурс со цел да се поттикне македонската музика. Идејата била да се направи концерт, но тогаш Џамбазов дал предлог да се направи фестивал. Друштвото на композитори ја прифатило идејата и со 12 композиции, изведени во две верзии, во 1968 година се одржал првиот „Скопски фестивал“. Песните биле снимени во некои хангари кај хотел „Континентал“:
– Тогаш се договоривме да направиме ревиски оркестар и да повикаме пејачи од цела Југославија. Таа година Бранѓолица доби прва награда од жирито, а јас трета за „Јужна ѕвезда“. Публиката, пак, првата награда ѝ ја додели на мојата „Срамежлива“ што ја отпеаја Зафир Хаџиманов и Љупка Димитровска, а втората верзија Виолета Томовска со Диме Поповски.
Маестро Џамбазов редовно учествува на овој фестивал и е единствениот троен победник со композициите „Срамежливи“, „Само ти“ и „Љубов неверна“. По три години, во 1971 година почна најдобар фестивал во Југославија.
Тој е виновник и за постоењето на детскиот фестивал „Златно славејче“, втор најстар фестивал за детска песна во Европа. Затоа и многумина го знаат како татко на детската музика, а тие што како деца пееле во хорот „Развигорче“ му се обраќаат со чичко Маестро. Ја напиша легендарната „Скопје радости ќе бидеш..“, која сме ја пееле сите како деца и која и денес е неофицијална химна на градот:
– Во 1971 година се одржа првото „Златно славејче“. До тогаш, како да немаше афинитет и интерес да се направат детски песни. Распишавме конкурс, немаше доволно композиции. Дадов 14 композиции, 22 аранжмани за ревискиот оркестар, избирав деца, го увежбував оркестарот, диригирав, го снимив студиски тој материјал за телевизија. Тоа беше раѓањето на „Златно славејче“. На првото фестивалче пееше дете од четири години. Пееше во живо. Следната година пееше дете на 4,5 години Антоанета Тноковска со „Чудно маче“. Во 1974 година ни се приклучи Запров со хорот „Развигорче“. Ни понудија да се дава на Мондевизија, но побарав прво тој да се направи на ниво на Југославија. Почнаа да доаѓаат деца од збратимените градови. За жал, првите десет „златни славејчиња“ се избришани од видеотеката на МРТВ. Тоа се етички криминалци, кои ги избришаа славејчињата и четирите први скопски фестивали. Ако некој ги има тие снимки, би бил благодарен да ми ги даде.
Просторот е премал за сѐ што поминал, доживеал и направил маесто Џамбазов, кој на македонската музика ѝ даруваше половина век. Неговиот револт од непочитувањето на тоа што го имаат оставено тој и неговите колеги е причината што на почетокот не сакаше да се согласи да ја објавиме неговата животна приказна. Во неговите сеќавања се врежани интересни и среќни моменти, кои денес намерно или не се подзабораваат. Му недостига духот што постоел во годините кога создавал. Но, трагите не можат да се избришат. Фактите покажуваат – последната награда дојде во вистински раце. Зад неговото име има запишано повеќе од 1.450 студиски записи, детски песни, шлагери, песни за оркестар, музика за филм, претстави. Беше диригент на последната евровизија со оркестар, кога Македонија ја претставуваше Владо Јаневски. Разговаравме и за последните композиции. Додека Анче Џамбазова лежела болна направил некои аранжмани, а по нејзината смрт од 1997 година, нема компонирано. Вели, инспирација има, желба нема.
Задоволство е да се слушаат приказните на чичко Маестро. Добриот хумор не изостана ниту во еден момент во разговорот. Во негов стил на крајот на разговорот се насмеа:
– Се надевам ќе поживееш пак да ми направиш интервју.
НОТИТЕ БИЛЕ МНОГУ СЛАТКИ
Штипјанец, кој живее во Скопје, роден во Војводина. Тоа ме натера да прашам зошто село Стапар:
–Дедо ми Александар, по кој сум крстен, бил десна рака на Гоце Делчев и на Даме Груев додека биле учители во Штип. Го праќале наваму–натаму. Имал тројца синови и две ќерки. Татко ми како дете свирел на прим, го носеле во Истанбул да свири на бег, да заработи некој денар. Се запишал на учителска школа, била на ранг на факултет. Ја завршил школата како најдобар ученик, а тие најчесто ги ставале да работат во добри градови. Татко ми бил Методија Александров Николиќ. Кога се запишал во училиште не му дозволиле да биде Џамбазов, зашто татко му бил стрелан 1921 година за ВМРО, за Македонија. Како казна што е дете на вмровец, бил пратен во село Бигла, над планините во Ниш. Читал на свеќа. По пет години го пратиле во Војводина, во село Стапар.
Сосема е јасно од каде талентот за музика. Освен татко му, талент за музика имала и неговата тетка, која му пеела песни како мал.
– Едно утро тетка ми рекла „Цвето, Мето, детето почна да ми ги пее песните што јас му ги пеев и сум заспала“. Тука е тој почеток. Но, за јас да се занимавам со музика најголемо влијание имаше една музичка легенда, Сергеј Михајлов, руски емигрант. Тој е човекот што ја постави првата опера во Штип во 1924 година. Беше посветен на децата. Кажа дека ќе се прави музичко училиште, кој сака да се пријави. Деца како деца, одиме сите. Тој ги познаваше сите наши родители. Носеше една црна чанта, која одигра пресудна улога. Прашуваше „од кај си“? „Од Насеви“. „Примен си“. „Ти од каде си?“„Од Николови“. „ Тебе да те чујам“. „Ти?“ „Од Џамбазови“. „Примен си“. Првиот час табла, нацртано петолиние. И вика, денес ќе учиме музика. Што се нотите. Нацрта едно јајце и ни кажа дека тоа е цела нота. Од црната чанта извади јаболка и крушки. Ни даде на сите по една и ни кажа тоа е цела нота. Потоа на таа нота стави цртичка за половина нота. Потоа и овошките ги исечка, им стави некои импровизирани чепкалки и ете половина нота… Завршува часот одиме дома и на родителите им викам нотите биле многу слатки. Ни даде крушки јаболка… Пак ќе одам. Така успеа да нѐ анимира кон музиката.
Почнал да свираи виолина кај чичкото на оперската дива Зина Креља, Петар Креља. Му ја врзувал раката со ортома за да ја држи правилно виолината. Средно училиште почнал во гимназијата „Орце Николов“.
-Потоа Илија Николовски – Луј ме зема во музичкото училиште. Луј го викна татко ми, јас заедно со татко ми отидов кај него и тој вика: Господине Џамбазов, ние од Ацо ќе правиме македонски Паганини. Сум имал долги прсти и слух, термин што јас не го прифаќам. Мене не ме интересираше многу виолината, тогаш почнав да удирам по клавишите на клавирот. Ме запишаа во музичко. Многу ми беше драго кога не одев на часот по солфеж, туку господинот Гајдов ме праќаше на тетка Љубица да ѝ купам леб, млеко… Имаше велосипед, го врзуваше со синџир, ми го даваше да одам да ѝ испазарувам на Тетка Љубица, прекрасна жена, ми даваше да појадувам. Путер или нешто такво. Гајдов, првиот учебникар, можеше да си дозволи такви работи.
Во 1956 година се запишал на музичка академија во Белград во класата на Марко Тајчевиќ. Како еден од ретките академски образувани музичари го вработиле во Радио Скопје, каде што продолжил да соработува со Шпато.
АНЧЕ ЈА ФАТИВ СО ГИТАРАТА
Анче била и останала најголемата љубов на Џамбазов. Разговаравме за животот со феноменалната актерка, а тој со задоволство и посебен жар говореше за неа:
– Ја запознав летото 1960 година пред да одам во војска, на летување во Охрид бев со Томислав Зографски, Михајло Николовски, Зоран Димитровски, а Џувалековски имаше вила кај Канео. Тука простор за сончање, јас со гитарата. Петре Прличко снимаше „Солуснките атентатори“, а таа со маќеата беше сместена кај „Св. Софија“. Маќеата лаже Анче се капе, а јас и Анче со друштвото пеш до синдикален дом на игранка. Ја фатив со гитарата. 1961 година го сними „Мирно лето“, во Охрид и во Скопје. Како сега се сеќавам, откако се запознавме одиме на корзо. Се наоѓаме во понеделник, таа плаче. Што ти е бе злато, што ти стана? Директорот на училиштето го викнал татко ѝ. Класната му кажала дека ја виделе Анче со неколку девојки и едно момче, кое ѝ ја ставило раката преку рамото. Тоа не смеело. Татко ѝ ја испокарал… Моравме девојките да ги враќаме во осум часот. Една вечер доцневме четири минути. Татко ѝ не ја прима, нека спие кај комшиите. А, ми беа љубоморни за Анче. Дошол белградскиот ѓак, им ја фатил најубавата девојка. Анче секој ден ја пуштала мојата песна „Песна повратка“ од плочата од Опатија. Вљубена. Прличко ѝ викал, доста ма, секој ден тоа, па тоа, само тоа. Еден ден се бричел, Анче си пеела, и тој се свртел; „ааа му ја пееш песната на Ацо музикантот“. Таа пресреќна, татко ѝ ме знае… Во 1962 година се регистриравме. Прличко една ќерка, ќе ја регистрира. Тој пријател со сите. Министер за внатрешни работи беше Кочо Битољану. Доаѓаат на свадба сите, 300 гости, Петре ќе плаќа. Јас само што почнав со музика, а веќе популарен. Давам документи и настанува шок. Јас во крштеницата Александар Методиев Николиќ. Воена книшка Александар Џамбазов. Жената кажува не може да нѐ регистрира, Прличко шок… Кочо Битољану гостин и одма потпишува дека лицето тоа и тоа е едно исто, става потпис и ние се регистриравме. Е, по години, кога Прличко се шегуваше со мене, велеше: „Абе кај го најде овој музичар. Ја бараа тројца конзули и двајца амбасадори, јас на музикант ја дадов“. А после ќе се свртеше и ќе речеше: „Ама си го сакам повеќе од Анче“.
Џамбазов ден-денес ги чува сите писма што Анче му ги праќала во војска:
– Страв ми е да ги отворам. Секој ден Анче ми пишуваше. И кога ќе не наредат да читаат пошта прво викаа Џамбаз. Сите знаеја дека во понеделник или вторник ќе добијам две писма, пратила и сабота и недела. И коментираа, овој повторно има писма. Поради тоа и Мичо Орловиќ ми го даде тој текст за „Љубов и мотор“.
ДЕТСКИТЕ ЛУДОРИИ НА ИГОР
Го прашав за наланите со кои се појавил на „Скопскиот фестивал“ – дотеран , среден, со налани на нозе. И неговиот коментар беше: „А, тоа е од Игор, да кажам јас за него“.
– Мангуп беше уште како мал. „Самарчето“ одеше понеделник попладне на југословенска телевизија. Најголем хит беше. Еден ден се качува дома со топка под рака и плаче: „не сакаат да ме играат другарите“. Отишле сите да го гледаат „Самарчето“.
Имаше 13 години, му излегоа календарчиња во „Вечер“. Се гласаше за ТВ-лице на годината. Игор доби 20.000 гласа повеќе од Прличко. Еднаш, пак, доаѓа и ми вика: „Здраво колега“. Јас збунет, а тој ми вика: „Па јас и ти сме колеги. Јас на телевизија, на радио, во весници, ти исто, ние сме колеги“. И така остана, до ден денес не ме вика тато.
Играше фудбал со едни постари деца од другиот влез. Доаѓа и вика: „тато бе, знаеш ли што е татко му Баже што е? Високо дискфалификуван бравар“ .
Еднаш, пак, одиме кај пазарчето кај „Путник“ и стоиме на семафори.
Поминува една убава девојка, немав видено поубава девојка во Скопје. Седи Игор во автомобилот до мене и му викам: „колега види, си видел ли поубаво девојче“. И ми текна: „Слушај, немој да си кажал на мајка ти што гледам по девојчиња“. И Игор како стрела: „абе будала еден, се кажува ли тоа на мама“.
Доаѓам еднаш од работа, Анче седи во дневна и плаче: „Леле Игор што направи, само, те молам, не тепај го. А тој во едната соба, сестра му во другата, две години е помала Тања од него. Тој да ти земе ножици и да и направи на Тања крст на глава. Ја ишишал. Кај него дупка напред. Леле, кога видов. Анче ми вика си играле бербери. Го земав Игор, му викам: „ идиоте, ќе те утепам, облекувај се да те носам на бербер“. А Тања вика: „сакам и мене да ме носиш на бербер“. А Игор како од топ: „ќути ма, ја тебе те потшишав“.
Следниот мој коментар беше дека го препознаваат како таткото на Игор Џамбазов, а маестралниот Џамбазов веднаш имаше одговор:
– А, на пазар има едно момче што продава тикви. Се вика Игор. Поминуваат луѓе што ме знаат, ме поздравуваат со маестро. Момчето ми вика дојди следната недела ќе имам убави тикви. Одам и момчето му вика на еден пазарџија: „Спиро, абе ти знаеш ли Игор Џамбазов чиј син е? Игор е син на овој човек, а тој се вика маестро Александар Џамбазов“. Сите околу почнаа да се смеат. А, јас му викам: „само од тебе ќе купувам, за цена не прашувам. Ти си првиот во Македонија што кажа правилно. Сите викаат таткото на Игор“. Јас де зет на Прличко, де маж на Анче, татко на Игор…
Разговорот го водеше: Билјана Бабиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.