Во Музејот на современа уметност во Скопје во тек е изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“, која има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје, по повод 60 години од земјотресот. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер Константинос А. Доксијадис.

Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата…, сето тоа значајно и подеднакво придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.

Како што посочи архитектката проф. д-р Ана Ивановска Дескова пред медиумските претставници кои денеска ја посетија изложбата, на истата се претставени различни идеи, цртежи, скици за развојот на одредени архитектонски целини или објекти, самите згради, визиите и идеите за градот со она што е реализирано од Скопје.

Изложбата е отворена како еден од низата настани кои што беа врзани со комеморацијата на 60 години од скопскиот земјотрес.

-Изложбата претставува проект кој што трае подолго време. Имено, во 2018 година првпат беше поставена под истиот наслов во Атина во соработка со професори од атинскиот универзитет, со кои направивме соработка во смисла дека ние го презентиравме Скопје, а постземјотресната обнова и архитектурата на постземјотресната обнова ја истражувавме во соработка со нив, и ја покажавме специфичната улога која што Доксијадис ја има одиграно во рамките на оваа обнова на Скопје. Изложбата тука требаше да се случи претходно, меѓутоа се случи ковид пандемија, така што сметавме дека 60 години од скопскиот земјотрес е соодветен повод да го отвориме одново тоа прашање и да ја презентираме изложбата пред скопската јавност, рече проф. д-р Ивановска Дескова.

Како што додаде, самата поставка е организирана во просторот во Музејот на современата уметност и зборува за две приказни паралелно.

Од една страна, посочи, е општо процесот на постземјотресна обнова на Скопје, од самиот момент на земјотресот на Скопје како и симболите врзани со земјотресот.

Поставени се фотографии кои ги прикажуваат првите мигови на земјотресот, мерките на отстранување на штетата, санирање на објектите, првите вести кои што излегуваат за Скопје и земјотресот, дел од нив пренесени и од главните грчки весници и понатаму како се движат посетителите низ целата сала гледаат поставени фрагменти од еден комплексен и многу сложен процес на различните фази на обновата на Скопје.

Доксијадис е еден од меѓународните експерти кои се поканети од страна на Обединетите Нации да учествуваат во обновата на Скопје и тој учествува уште од најраните фази на анализа на она што е оштетено, на степенот на оштетеност и потребите на Скопје понатаму.

-Постои и еден сегмент кој што не е врзан директно со Доксијадис меѓутоа е исклучително значаен за Скопје, а тоа се станбените населби, префабрикуваните населби кои дел од нив доаѓаат како подарок, меѓутоа голем дел откупени од страна на Југославија кои го решаваат оној најургентен проблем со домувањето во Скопје. Понатаму следуватаат различните фази од процесот на планирање, додаде проф. д-р Ивановска Дескова.

Автори на истражувањето и куратори се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, во соработка со истражувачки тим кој го сочинуваат Михајло Стојановски, Теа Дамјановска, Христос – Георгис Критикос.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Македонија, Музеј на современа уметност во Скопје, Фондација Константинос и Ема Доксијадис, Архив на Град Скопје, Амбасада на Република Грција во земјава, Дојран Стил.

Изложбата првпат беше отворена на 21 септември лани, а посетителите ќе имаат можност да ја видат до 28 април оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.