Група на скопски архитекти и интелектуалци поднесоа до Советот на Град Скопје и до Градоначалничката Данела Арсовска иницијатива една скопска улица да го добие името на грчкиот архитект Константинос Доксијадис со што трајно би се одбележал неговиот придонес во обновата на разрушеното Скопје во земјотресот во 1963 година.

Во текстот на оваа иницијатива се вели:

По катастрофалниот земјотрес што го погоди нашиот град Скопје на 26 јули 1963 година, тој во домашната и странската јавност беше означен како „град на солидарноста”. Ова не е случајно затоа што во неговата обнова и изградба учествуваа многу држави од светот со свои експерти, работна рака, материјална и донаторска помош, но и многу светски познати архитекти се вклучија во процесот на создавање на новиот урбанизам и архитектонски лик на градот Скопје што се обновуваше.

Основниот урбанистички план со кој се планираше развојот на Скопје до 1981 година беше производ на Специјалниот фонд на Обединетите нации оформен за таа намена, со чија помош за изработка на планот беа ангажирани Полсервис од Полска, под раководство на Адолф Циборовски и Доксијадис Асошиејтс од Грција.

Подоцна се создаде и меѓународен тим од урбанисти, архитекти и експерти за плански развој на градот, составен од македонски, југословенски и стручни лица од други земји. Во 1965 година е прифатен новиот Генерален урбанистички план, изработен од домашни архитекти во соработка со Полсервис и Доксијадис Асошиејтс .

Еден од тие странски архитекти кои работеа на новиот лик на Скопје беше и Константинос Доксијадис (Constantinos A. Doxiadis, роден 1913 г., а починат во 1975 г.) од Република Грција, инаку учесник во повеќе проекти спонзорирани од ОН врзани со обновата и реставрацијата на подрачјата оштетени од природни катастрофи или од воени дејствија насекаде низ светот. Факултетското образование го стекнал на Атинскиот технички универзитет 1935 г., а докторирал на Универзитетот во Шарлотенбург, Берлин, 1936 г.

Неговата потесна кариера се поврзува со реконструкција и обнова на оштетени градови и објекти во минатото, но и од Втората светска војна во Грција, во Европа и пошироко низ светот. Во таа смисла во 1945 г. тој бил претставник на Грција во Англија, Франција и САД за проблемите врзани со повоената реконструкција. Од 1945. до 1951 година реконструира објекти и градови во својата држава, Грција. Во 1953 г. основа сопствена организација како приватна фирма за инженерски консултации, заедно со помала група архитекти, инженери и планери, кои и претходно работеле на Грчката програма за обнова на земјата. Во 1958 г. Доксијадис ја основа Атинската технолошка организација, а во 1963 г. го основа Атинскиот центар за екистика (дисциплина за изучување на на човечките населби). Меѓу 1958 и 1971 г. тој предава на повеќе универзитети во САД, Оксфорд и Даблин. Носител е на многу меѓународни награди и признанија врзани со проекти спонзорирани од ОН.

Она што е важно за нас е неговата вклученост на високи позиции во процесот на обновата и изградбата на Скопје. Во Атина, 2018 г. е издадена монографија посветена на неговото дело, каде со свои прилози учествуваа и повеќе македонски архитекти под наслов. „Иднината како проект / Доксијадис во Скопје”, а по тој повод е организирана голема изложба и конференција во музејот Бенаки во Атина. Изложбата содржеше делови од работата на Доксијадис во Скопје што се дел од легатот, макети на објекти во Скопје од изложбата во МГС, како и фотографии на една од кураторките, Калипои Амигдалу, од Скопје 2014.

Тој и неговата сопруга имаат легат во новиот Бенаки музеј на ул. Пиреос 138 во Атина. За изложбата, одржана 2018 год., е релевантен следниот линк.

Поради сето горенаведеното, ние, како граѓани на Скопје, мислиме и предлагаме, во име на историјата на нашиот град и на колективното паметење, една улица да биде именувана во чест на овој многу заслужен архитект за обновата и изградбата на нашиот град по катастрофалниот земјотрес од 1963 г., како улица – Констатинос (А.) Доксијадис.

Предлагачи:

Архитект Мимоза Томиќ

Проф. д-р Влатко Коробар

Проф. д-р Ана Ивановска

Проф. д-р Људмил Спасов

Проф. д-р Дивна Пенчиќ

Проф. д-р Ана Чупеска

Амбасадор Виктор Габер

Архитект Билјана Филиповска

Проф. д-р Далибор Јовановски

Проф. д-р Слободан Велевски,

Архитект Елена Андонова,

Проф. д-р Јован Ивановски

Проф. д-р Владимир Арсовски

Г-дин Зоран Петровски, (од МСУ)

Архитект Валентино Константинов

Архитект Владо Десков…

Иницијатива на група архитекти и интелектуалци од Скопје за именување на улица со името на грчкиот архитект Константинос Доксијадис



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.