Со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите во Струмица почнаа осумдневните карневалски празнувања.

Со дефиле на мажуретките и Градскиот дувачки оркестар клучот беше донесен на Плоштадот „Гоце Делчев“, каде градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, му го предаде на претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Алексндар Цицимов.

Дочекавме уште еден симболичен почеток на Струмичките карневалски свечености, кои цели осум дена, од денес па се до 1 март, ќе бидат наше добро утро, добар ден и добровечер, а Струмица ќе биде центар на светот, како што се вели во химната на Струмичкиот карневал. Токму затоа, со многу радост го предавам „клучот на градот“ во рацете на струмичките карневалисти кои „од среда до среда“ ќе бидат стопани на Струмица. Иако станува збор за симболика во ова примопредавање, сепак теба да се знае, дека и со клуч и без клуч, Струмица секогаш е отворена и гостопримлива за сите добронамерници од земјата и странство, изјави Костадинов.

На јарболите пред Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беа кренати државното и знамињата на Струмичкииот карневал и FECC.

Веднаш потоа беше отворена изложба на карневалски маски на СОУ „Никола Карев“, кое годинава слави 30 години учество на карневалот.

Карневалските празнувања утре продолжуваат со два концерти под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, а ќе се објават и резулатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.