Околу триесетина настани – концерти, театарски претстави, изложби и програми за деца оваа година ќе го одбележат 43-то издание на Скопско лето, што ќе се одржи од 21 јуни до 30 јули. Официјалното отворање на првиот ден од летото ќе почне со концерт на Европскиот Креативен Оркестар при Институтот „Фаме’С“. Поради намалениот буџет годинава недостасуваат кино проекциите кои беа омилени и доста посетени во Летното кино.

Оваа година е веројатно најтешката година на Скопско лето, вели Глигоров и додава дека на располагање за годинава имаат само 400.000 денари доделени од Министерството за култура и токму поради тоа отпаднале кино проекциите од годинешната програма.

Дирекцијата за култура и уметност со години наназад конкурирала во различни културни сфери на Годишната програма на Министерството за култура за финансирање на проекти. Сега се променија правилата и ограничено е конкурирањето на два проекта. Не знаеме со колку средства ќе нѐ поддри Град Скопје. Ние разбираме каква е состојбата во светот и кај нас, ама културата не смее да трпи. Ако ние престанеме да произведуваме култура, ќе трпи нацијата, вели Глигоров.

Тој вели дека манифестацијата „Скопско лето“ треба да има основа и дека не смее да биде третирано како проект затоа што станува збор за институција. Затоа лани е склучен двегодишен договор со Град Скопје за неколку културни манифестации.

Има расположение кај администрацијата на градот да продолжи соработката. Очекувам дека тоа наскоро и ќе се случи и дека градот ќе продолжи да нѐ финансира со 1,5 милиони денари, вели Глигоров.

Според директорот на Дирекцијата за култура и уметност Скопје, Никола Глигоров, и оваа година создадена е програма која ќе одговара на потребите на интересот на граѓаните на Скопје.

После две години од коронавирусот, полека се враќаме на старите патеки. Овој фестивал има своја мултимедијална програма, сака да комуницира од најмладите до повозрасните, со оние кои имаат поистенчени и естетски вкусови но и оние кои можеби културата малку повеќе ја сфаќаат како забава. Скопско лето секогаш опстојува на тоа да гради високи естетски критериуми кај публиката а тоа го правиме благодарение на смаите уметници, додаде Глигоров.

Тој најави дека годинава ќе има 30 настани, а како и секоја година, најзастепана ќе биде музиката, но ќе има и театарски претстави, изложби, фото изложби, ќе има програми за деца и оваа година како и секоја основата на програмата ја претставуваат нашите домашни уметници, но годинава има и богат избор  на меѓународни програми.

Ќе има гости уметници од Јапонија, па се до САД и Канада, но и гости од регионот, од соседните држави, од Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија но и од европските држави.

Мислам дека годинава ќе и овозможиме на публиката како и годините наназад да ужива во уметничките дострели на творците, и секако даваме можност и за помладите уметници, рече Глигоров.

Скопско лето ќе почне со концерт на Европскиот Креативен Оркестар при Институтот „Фаме’С“ составен од музичари од неколку европски држави. Концертот ќе се одржи на 21 јуни во салонот на НОБ.

Како што додаде Глигоров, концертот е по повод затворањето на претстедателството на Советот на Европа на Франција.

Овој концерт ќе го одржи креативниот оркестар при Институтот „ФАМЕ’С“ за отворањето на фестивалот, и со тоа ќе ни овозможи да го затвориме француското претседателство на Советот на ЕУ со еден многу убав културен настан. Овие изминати шест месеци беа многу важни за нас бидејќи Француското претседателство со Советот на ЕУ е нешто што се случува секои 13 години и ние сме среќни што ќе завршиме со еден навистина многу убав настан, рече на денешната прес-конференција Иго Бештел, советник за култура и соработка во Француската Амбасада во Скопје.

Од Насијемота од проектот „Фејмс“ на прес-конференцијата денеска посочи дека „Фаме’С“ е институт специјализиран за оркестарско снимање на музика за медиуми, за меѓународни продукции на кино, аудиовизуелни проекти и видео игри.

Годинава во рамки на фестивалот меѓу другото ќе се одржат театарските претстави „Нема да е крај на светот“, „Торонто Експрес“, „Последната лента на Крап“, театарска претстава за деца „Во детска соба“, концерт на „Танец“, изложба на Пол Ванд од САД „Природа на математиката“, концерт на „Џим Политис Квартет“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.