Во кафе-книжарница Буква денеска од 20 часот ќе се одржи промоција на книгата за деца „Приказни од облаци“ од Кристина Тот.

Како што информираат од „Или Или“, книгата ја сочинуваат пет извонредни и поучни приказни „Приказна за лилјакот што сакаше да биде птица“, „Малото рипче што си ја загуби перката“, „Приказна за меурчињата“, „Кралот на белоушките“ и „Чичкото што имаше речиси сто години“.

Овие приказни нè поттикнуваат да ја зачуваме нашата љубопитност, будноста и чувствителноста на малите деца кои го откриваат и освојуваат светот, а тоа се вештини што често ги губиме со текот на времето, со нашето раснење, стои во соопштението од „Или Или“

Оттаму наведуваат дека авторката пишува смело за скриени, неизговорени табуа, ги воведува во светот на децата со приказни што одат по тенката линија помеѓу бајките и реалноста, но кои ни кажуваат за важни фрагменти, настани или личности од реалноста.

Целта на овие кратки приказни е да го прошират знаењето на малите деца за светот и да им дадат можност да размислат за истиот. Да размислуваат за уникатноста на сите суштества во светот – дури и за самите себеси и другите околу нив – и убавината на животот, и покрај нејзината кревкост. Овие бајки доловуваат длабочини и височини, безвременски и минливи, радост и тага, и го гледаат светот како целина и како чудо во кое е вредно да се живее, дополнуваат оттаму.

Кристина Тот (1967, Будимпешта) студирала унгарска книжевност. Има добиено неколку награди и нејзината поезија и проза се преведени на повеќе јазици. Живеее во Будимпешта и освен што се занимава со пишување и преведување од француски јазик, дизајнира и витражи.

Нејзини позначајни дела се „Есенското палто се бранува“ (1989, поезија), „Нишката на разговорот“ (1994, поезија), „Лондонските мечиња“ (2003, песни за деца), „Баркод“ (2006, кратки раскази), „Висока топка“ (2009, поезија), „Пиксел“ (2011, роман) и „Аквариум“ (2013, роман). Книгата за деца „Приказни од облаци“ е објавена во 2017.

Објавувањето на детската книга „Приказни од облаци“ од Кристина Тот е дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.