Во чест на 70-годишнината од раѓањето на Горан Стефановски вечерва беше осветлен и украсен делот околу неговиот споменик во Дебар Маало.

На настанот пригодна реч одржа амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, како и македонскиот книжевник Иван Антоновски. Присустуваше и синот на Горан, Игор Стефановски.

Ги украсивме елките околу клупата на која седи Горан за да нѐ осветли неговата „искра што се измолкнува“. За да нѐ потсети дека „сѐ се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот!“ – напишаа на фејсбук од Европската куќа во Скопје, кои и се организатори на настанот.

Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018 на 66 години. Споменикот е поставен во Дебар Маало, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

Македонскиот писател и драматург почина на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше. Тој е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“.

фото: Europe House Skopje



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.