Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм денеска се собраа на протест пред Министерството за финансии, изразувајќи незадоволство поради своите месечни примања.
Како што изјави претседателот на Синдикалната организација при Министерството за култура на УПОЗ, Бранко Костовски, платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари.
Тој додаде дека Синдикалната организација при Министерството за култура веќе има изготвено Предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените, за кој минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење. Но по само неколку дена, како што напомена, со Законот за буџетите се утврди зголемување на платите од 30 отсто за вработените во Министерството за финансии.
Ние го поздравуваме зголемувањето на платите на нашите колеги од Министерството за финансии, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Ги охрабруваме и нашите колеги во другите министерства да ни се придружат и заеднички да се избориме за она што ни следува. Ние имаме поддршка од раководството, од одговорните лица во Министерството за култура и ќе продолжиме по институционален пат да бараме покачување на платите – рече Костовски.
Тој додаде дека државната администрација не смее и не треба да се потценува со никакви квалификации, туку нејзината работа треба да биде признаена и вреднувана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.