„Не ме чекај“ на францускиот театар „Снег на трпките“ од Нант, утре, на први октомври, во Театар за деца и младинци (ТДМ) ќе го отвори третото издание на Интернационалниот детски фестивал „Игор Маџиров“ кој ќе трае до петти октомври.

Организаторот, ТДМ најави гости од Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Турција, Италија, Хрватска и Македонија.

Ова е трето издание, трета среќа, програмата ќе биде побогата и поразновидна. Екипата која работи на Фестивалот многу се потруди на пубиката да и донесе квалитетни претстави. Верувам дека ќе имаме светско издание на Фестивалот. Тешко е да се прави Фестивал во ваков обем, со ваква обилна програма, а со малку пари, изјави на денешната прес-конфренција директорот на ТДМ Катерина Илиевска Силјановска.

Драгана Милошевски Попова, која е селекторка на Фестивалот кажа дека имале тешка задача да ги изберат годинашните учесници на „Игор Маџиров“ бидејќи добиле многу апликации.

Во наредните денови ќе проследиме многу значајни претстави. Сите можеби не се од најновата продукција, но вреди да се видат, кажа Милошевски Попова.

По отворањето, в среда, на втори октомври, во Театар Комедија во 11 часот ќе се одигра „Тогаш кога се изгубивме“ (Краљево, Србија), а во вечерниот термин во 19,30 е „Палешка“ во ТДМ на куклениот театар од Љубљана. В четврток, на трети октомври во ТДМ во 11 госотува Бабец театарот од Битола со „На гости кај Кате и Фреда“, а во 19,30 во ТДМ е „Си беше еднаш еден лав“ од Бања Лука (БиХ). На четврти октомври, в петок, во Драмски театар е „Парадевојче“ на театарот од Зрењанин, Србија (11 часот), во ТДМ во 17 часот е „Светско шоу на ѕвездите“ на Караѓоз театарот од Истанбул, а вечерта од 19, 30 во Драмски театар е „Дупка и копче“ – приказна за кројачот и неговата душа на Театарот од Рим, Италија. На петти октомври, в сабота од 12 часот во Театар Комедија е претставата „По трагите на волкот“ на младинскиот театар од Нови Сад, во 17 часот во ТДМ гостува Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска со „О, ла, ла“, а Фестивалот се затвора со „Франкенштајн“ во продукција на ТДМ, чија претстава е надвор од конкуренција. Пред одигрување на претставата ќе бидат прогласени победниците и ќе бидат доделени наградите на најдобрите на Фестивалот за кој ќе одлучува жири-комисија.

Освен во ТДМ, Фестивалот ќе се одржува и на сцените на Драмски театар, Театар Комедија и Македонскиот народен театар (МНТ). Ќе има и придружна програма која ќе се одржува на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). На втори октомври, на ФДУ во 13 часот е мастр-класот со чешкиот режисер Јакуб Максимов, кој е автор на „Роња, ќерката на ограбувачот“ со која ТДМ освои многу интернациолани и домашни награди.

Ќе има и работилници за креативно пишување за млади таленти кои ќе се одржуваат во просториите на ТДМ под менторство на Драгана Лукан Николовски, Хана Миленковска и Давор Драгојевиќ од Црна Гора.

По повод Светската недела на детето, од ТДМ решиле цените на билетите за претставите да чинат 150 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.