Со мала воведна дискусија ќе започне проекцијата на филмот „Годар: Човекот филм“, која ќе се одржи во Музејот на современата уметност (МСУ) во рамки на овогодишното, тринаесетто издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ).

Актуелното издание на ФФФ оваа година е во фокусот на режисерот Жан Лик Годар, под мотото „Сè е филм, во множина“.

Бесплатната проекција ќе се одржи на 19 мај, петок, со почеток во 20 часот, а организаторите на ФФФ потенцираат дека режисерот на филмот „Годар: Човекот филм“, Сирил Лоти, вели дека „она што најмногу привлекува и мотивира кај Годар е тоа што тој допушта сè: ги ослободува режисерите да бидат смели, да експериментираат, да ги предизвикуваат навиките“.

„Маршрутата на Годар следи само една насока: постојано обновување на својата уметност. Креативниот чин го гледа како неопходен чин на критика и деконструкција. Годар во една прилика ќе рече: ‘секогаш поаѓам од негативното. Јас сум позитивен човек кој тргнува од негативното.’ Уметник кој неуморно се преосмислува и кој неизбежно се уништува“, објаснуваат од ФФФ.

Оттаму дополнуваат дека видео-портретот носи подалеку од клишеата на митот којшто некогаш станува и карикатура, за да сретнеме човек посентиментален отколку што изгледа, човек опседнат, а понекогаш и надминат од својата уметност.

„Годар: човекот-филм“ беше премиерно прикажан во програмата Филмски класици (Venice Classics) на Венецискиот филмски фестивал во 2022 година.

Филозофскиот филмски фестивал оваа ќе се одржи од 2 до 9 јуни во Кинотека. Ќе бидат прикажани 40-тина филмови, 50 настани, а ќе има 18 гости и 20 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

Организаторите посочуваат дека мотото е инспирирано од  францускиот филмски великан од новиот бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого фестивалот подготвува специјален сегмент „Фокус Годар“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.