На барање на филмските професионалци (режисери и продуценти), денеска во Кинотека на Македонија се одржа конструктивна средба со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. На средбата се разговараше за дефинирање на буџетот за филм за претстојната 2024 година и конечна стандардизација на годишниот буџет за филм, како стабилна ставка во државниот буџет. Филмаџиите и министерката разговараа и за донесување на посебен буџет за телевизиски серии, надвор од буџетот за филм, а посебен акцент беше ставен и на неопходноста од донесување на нов закон за филм според европски стандарди.
Во однос на посебниот буџет за ТВ серии, Костадиновска-Стојчевска предложи:
Министерството за култура ќе изготви предлог измена во Законот со кој ќе биде доставен до Собранието, а потоа, Агенцијата за филм и самите филмски работници да вложат напори тој предлог да биде усвоен, и да се најде решението – како и нашата држава да произведува ТВ серии кои имаат важна улога во одржувањето на македонскиот јазик, култура, традиција.
Во однос на стимулацијата на продукција на ТВ серии, Костадиновска-Стојчевска го поддржува и договорот кој е потпишан со Еуримаж, за пилот програмата за ТВ серии, за кој како што кажа, самата се заложила да се најдат потребните средства за влезниот билет, наспроти немањето слух кај Агенцијата за филм.
Со овој договор, од следната година на македонските продуценти на серии во наредните три години на располагање ќе им бидат средства од 15 милиони евра, појасни националната претставничка на европскиот фонд, Тања Пепељуговска.
Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека максимално ќе се заложи и во соработка со директорот на агенција за филм, Бојан Лазаревски ќе ги вложи сите напори за реализација на првично проектираната ставка во буџетот од 5 милиони евра и максимално ќе се потруди да нема кратења на буџетот за филм за следната година.
За стандардизација на буџетот беа продложени два моедли, или финансирање по глава на жител, или загарантиран процент од државниот буџет. Дотогаш, беше заклучено Агенцијата за филм и Министерството за култура при креирањето на буџетот за следната година да се заложат на враќање на буџетот што Агенцијата го имала пред да ѝ се намалат средствата, и за 2024 година да се аплицара со барање за годишен буџет од 5 милиони евра.
Покрај тоа, филмските режисери и продуценти сметаат дека актуелниот Закон за филм донесен во 2014 година не е во согласност со начелата на филмската дејност и не им одговара на филмаџиите по многу основи и дека веќе подолго време се залагаат за донесување на нов Закон со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници.
Минситерката за култура ги поддржа филмските работници во нивната потреба од донесување нов закон, при што посочи дека Владата има усвоено предлог за донесување Стратегија за развој на филмската дејност, врз основа на која ќе се утврди потребата од нов закон за филмската односно аудиовизуелната дејност.
Во 2019 и во 2020 по основ на изработка на нова Национална стратегија за развој на филмската дејност беа исплатени повеќе од 20.000 евра. Но, и до ден денес Стратегија не се изработи. Од вас зависи натамошното унапредување во дејноста, затоа е потребно да направите работни групи за изготвување на Стратегијата и на новиот закон, за што службите во Министерството ви стојат на располагање“, а потоа да пристапиме кон нивно усвојување, рече Костадиновска-Стојчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.