Форум за Стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија се одржа денеска во Даут-пашиниот амам, во организација на Македонско-американската алумни асоцијација (МААА). Високи претставници од Владата на Македонија и од Стејт департментот на САД, како и членови на МААА, дискутираа за можностите и за начините за понатамошно промовирање на Стратешкиот дијалог, кој е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.

На форумот, воведни забелешки дадоа американската амбасадорка во нашата земја, Ангела Агелер, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во дискусијата се вклучија и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и претседателката на МААА, Верица Јорданова, и други членови на оваа алумни асоцијација.

Свое обраќање пред присутните имаше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на инцијативите и активностите од областа на културата поврзани со Стратешкиот дијалог со САД.

Костадиновска-Стојчевска рече дека Договорот за стратешки дијалог со САД е исклучително важен документ, кој многумина го сметаат за еднакво важен како и преговорите за членство во Европската Унија. Како што нагласи министерката за култура, овој договор не само што отвори ново квалитативно поглавје туку нашите билатерални односи добија уште пореална, опиплива, инспиративна и, особено за нас, силна културна и идентитетска закрила и уважување.

Особено ме радува што денеска можам да кажам дека културата е многу понапред во реализацијата на својот дел од задачите од Акцискиот план од другите сектори опфатени со Договорот, потенцираше Костадиновска-Стојчевска, која своето тврдење го поткрепи со неколку факти. Министерката за култура посочи дека во изминатиот период, интензивно се работеше на исполнување на сите предуслови што треба да ни обезбедат согласност за потпишување Меморандум за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија за воведување ограничувања за увоз на археолошки и етнолошки материјали, односно предмети. Костадиновска-Стојчевска изрази очекување од партнерската страна во Дијалогот да даде свое видување и потоа да биде финализирано потпишувањето на Меморандумот.

Уште една голема поддршка од нашите пријатели и партнери во дијалогот, САД, посочи Костадиновска-Стојчевска, е и можноста за користење средства од Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата. Министерката за култура потсети дека од Фондот, преку јавниот повик, досега се издвоени околу еден и пол милион долари со кои е извршена заштита на многубројни локалитети и објекти.

Предложивме, се разбира со поддршка од Амбасадата на САД, организирање работилници за аплицирање на потенцијалните корисници на овој фонд. Министерството за култура ќе издвои средства за воведување едукативна компонента во проектите, што може да се изрази како дополнителен критериум кој ќе носи повеќе бодови при евалуацијата на проектите, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура го посочи и минималниот интерес на младите да се образоваат во областа на заштитата на културното наследство.

Искрено, имаме потребата од помош токму за ваков дефицитарен кадар. Размислуваме како системски да ги активираме пензионираните кадри од заштитата, па и тие да помогнат во создавањето на нивни достојни наследници. За да го премостиме тој период и повторно да ја направиме оваа професија атрактивна за младите, неопходна ни е и таа поддршка во делот за културата од Стратешкиот дијалог, дополни Костадиновска-Стојчевска.

Таа рече дека од исклучителна важност е и подигнувањето на нивото на практичното знаење и унапредувањето на вештините на стручните лица за управување со збирките на музејските институции, за иновативна презентација на музејските содржини со интерактивна комуникација со публиката, како и за воспоставување и спроведување протоколи за сигурност и безбедност во музеите. За оваа цел, дополни Костадиновска-Стојчевска, соработката со сродните институции од Соединетите Американски Држави e од непроценливо значење.

Затоа Министерството за култура предлага до 2028 година да се реализираат студиски престои на наши стручни лица од институциите од музејската дејност во институции кои имаат позитивни искуства во делот со управувањето на збирките и музејската презентација во САД. Веќе се направени првични контакти, информираше министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска како особено важно го посочи и организирањето на мастер-класови за талентирани млади музичари од нашата држава со професори од овие училишта во САД, за што рече дека е од непроценливо значење за развојот и на овие уметници, како и за квалитетот на македонската музичка сцена.

Ја посакуваме и соработката со културниот центар МАНА во кој би престојувале и би изложувале наши уметници, куратори и други изведувачи. Со цел сево ова да го операционализираме, упатувам покана до претставници од институциите со кои е иницирана соработка, на почетокот на следната година да дојдат кај нас и да оствариме директен контакт со врвните Metropolitan Museum of Art, Manhattan School of Music и Smithsonian museums каде што би биле изложени импозантните графички – хартиени икони од доцниот среден век, збирка на Музејот во Прилеп, истакна Костадиновска-Стојчевска.

На крајот од своето излагање, таа додаде дека Министерството за култура верува во придобивките од Стратешкиот дијалог со САД.

Впрочем, дијалогот со САД секогаш сме го доживувале како дијалог со најдобриот пријател, рече Костадиновска-Стојчевска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.