Македонската филхармонија вечерва во 20 часот ќе ја отвори новата концертна сезона насловена „80 години-Љубов!“. Првиот концерт е насловен „Будење“ и како солист ќе настапи еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена – Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригент е Бенџамин Шварц од Израел/САД.

На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика, велат од Македонската филхармонија.

За диригентот Бенџамин Шварц, од Македонска филхармонија ги пренесуваат зборовите на критичарите кои го опишуваат како сензација. Тој, како што оценуваат критичарите, „има јасна визија во своите интерпретации“.

Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти. Следната сезона Шварц ќе работи како шеф-диригент на државниот оркестар на Рајнската филхармонија. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска, информираат од Македонската филхармонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.