Фестивал на јапонска култура Нихон-Џи ќе се одржува денеска во Центарот за иновации „Јавна соба“ на кој ќе бидат  претставени јапонска литература, кинематографија, музика, архитектура, хаику поезија,  борачки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видеоигри.

Фестивалот е во организација на Јапан.нет.мк ([email protected]) и поддржан од Амбасадата на Јапонија во земјава. Како што е најавено, ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, тројца модни дизајнери, седум хаику поети, четири доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.

-Посетителите ќе може да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно-општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои се применуваат за зголемување на квалитетот на живот). Фестивалот ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури итн., соопшти организаторот.

Програмата на Фестивалот е достапна на неговата официјална страница и на Фејсбук.

Ќе биде отворен во 11 часот во присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.

[email protected] е 14-годишно неформално здружение на ентузијасти за јапонската култура од Македонија и  досега има организирано над 40 помали настани кои ја претставуваат јапонската култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.