Анета Илиевска е родена во 1974 година во Скопје. Љубовта кон уметноста кај неа се раѓа уште како дете, по што се запишува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката за графика. Од 1993 година работи како графички дизајнер. Покрај богатото портфолио од областа на графичкиот дизајн, има дизајнирано корици за неколку стотици книги, а „Снешко. Дневникот на едно кутре“ е прво издание каде што се јавува и како илустратор. Од 2017 година активно се занимава и со фотографирање, за што има добиено повеќе награди и признанија, а учествувала и на неколку македонски и интернационални групни изложби.

Повод за разговор ни беше сликовницата „Рокчето” е заедничко, комплетно авторско дело на Никола Маџиров, во кое Анета Илиевска се претставува како вистински изграден илустратор со свој препознатлив ликовен ракопис.

Неодамна беше промовирана книгата „Рокчето“ од Никола Маџиров, а Вие сте автор на илустрациите. Како дојде до оваа соработка?

Токму така, на 30.01.2024 во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“, пред многубројна публика беше промовирана првата книга за деца на истакнатиот македонски поет Никола Маџиров, „Рокчето“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, каде што јас се јавувам како комплетен автор на илустрациите. Бидејќи длабоко верувам во изреката – „Сè се случува со причина“, па така и во овој случај, јас бев токму последната коцка од мозаикот кој универзумот го подреди и го заокружи целиот проект наречен „Рокчето“. Соработката се одвиваше преку мојата драга колешка Оливера Ќорвезироска, која е уредничка, а воедно и промотор на изданието. Таа неизмерно веруваше во мене и настојуваше токму јас да бидам илустратор на ова издание. Ја користам оваа прилика да ù се заблагодарам на довербата и сета ангажираност околу проектот. Со Никола Маџиров не се познававме лично, целата комуникација одеше преку Оливера, но морам да истакнам дека уште од самиот почеток се поврзавме со некоја невидлива врска, па заемно се надополнувавме во текот на создавањето на „Рокчето“. Тој допишуваше текст според моите илустрации, а јас доцртував детали според идеите на Никола. Дури имаше и некои надреални моменти, кога јас без да знам ништо за Никола, го нацртатв детето што спие од приказната, во исти пижами какви што тој имал во детството, или порцеланската кутија од приказната во која стои рокчето, која е токму онаква каква што имале неговите баба и дедо. Му се заблагодарувам и нему на прекрасната соработка, на исклучителните зборови за моите илустрации, за мејловите со воодушевување и благодарност, кои самите беа еден вид поезија. Секако оваа соработка за мене претставува едно незаборавно, прекрасно искуство, и навистина сум благодарна што ја имав таа можност да бидам дел од целата приказна.

На промоцијата беше истакнато дека всушност ова е Ваш прв ангажман од ваков тип. Од оваа перспектива, како се снајдовте? Што беше предизвик за Вас за да почнете соработка?

Ова е мој прв проект од ваков тип – комплетно илустрирана сликовница за деца. Претходно ја имам илустрирано книгата за деца „СНЕШКО – Дневникот на едно кутре“ од авторката Снешка Путинска Трајковска, како и илустрација за корицата на лектирата „Корнет Лизи“ од Велко Неделковски, но тоа беа сосема различен тип на илустрации. „Рокчето“ за мене претставуваше еден огромен предизвик, пред сè затоа што текстот беше токму на големиот Никола Маџиров, но и затоа што оваа приказна е пишувана врз основа на традиционалната приказна од струмичкиот крај. Сликовницата сама по себе претставува „приказна во приказна“ раскажана на две нивоа: во сегашно, модерно време и во минато, традиционално и фолклорно. Затоа моите илустрации требаше да се претстават на таков начин. Навистина многу истражував пред да започнам со илустрирање.

Сакав да оставам автентичен печат, кој ќе ја претстави нашата традиција но истовремено и да се пронајдам во сопствениот стил на изразување. Се одлучив на минималистички пристап, каде што преовладува чистината (белата боја) со истакнување на волуменот и плошноста во една минималистичка палета на бои. Црвената боја како симбол на нашата традиција се провлекува низ целата сликовница со прикажување на фолклорните елементи, како што се килимчињата, јамболијата, делови од носиите, но и црвените цветовите кои се всушност симбол на новиот живот и љубовта, нешто поразлично од она што сме навикнати да го гледаме во илустрираните изданија за деца. Се надевам дека оваа сликовница ќе им се допадне на децата, но и на возрасните, бидејќи е посветена на сите возрасни групи.

 

Работите како графички дизајнер, претпоставувам размислувате визуелно. Што Ве инспирира најчесто кога работите?

Како графички дизајнер работам веќе 30 години. Тоа е професија која навистина ја сакам и сите овие години не ми здодеала. Можам да кажам дека отсекогаш, дури и од најрана возраст сум размислувала и подобро сум се изразувала визуелно. Естетиката ми е многу важна, без разлика дали се работи за обично сервирање храна, путер-колачиња со глазура од ројал ајсинг, кои ги изработувам и подарувам со љубов, разни рачни изработки, па сè до дизајните и фотографиите. Сè што правам, правам со многу љубов, и важно ми е прво да ми се допадне мене, а потоа и на другите. Обично кога работам дизајни, најнапред правам мало истражување, зависно каков дизајн конкретно треба да се изработи, следам какви се моменталните трендови, па потоа почнувам да работам. Инспирацијата може да ми дојде додека истражувам, но често тоа се случува и во текот на работењето, идеите се нижат една по друга сè до конечниот резултат.

Се занимавате и со фотографија, сте учествувале и на бројни изложби. Каде повеќе се пронаоѓате? Што повеќе Ве исполнува, фотографијата или дизајнот?

Тоа се две многу сродни гранки во уметноста. Мислам дека нема добар дизајн без добра фотографија, ниту добра фотографија без добра композиција, секако ги изоставам дизајните каде што не се користи фотографијата. Отсекогаш ме привлекувале убави фотографии, затоа се одлучив и самата да пробам да создавам и да се изразувам преку овој медиум. Најмногу фотографирам улична фотографија. Замрзнувањето на тој еден миг од постоењето, за мене е фасцинантно. Сакам со моите фотографии да го доловам и пренесам токму тоа, приказната што се случувала во тој миг. Подеднакво ме исполнуваат и дизајнот и фотографијата, секоја на свој начин, едноставно, тие се дел од мене.

Наградувани сте за Вашата работа. Како гледате на признанијата? Како на потврда за сработеното или како обврска за понатамошната работа?

Не можам да кажам дека наградите и признанијата не ми значат. Тие се доказ дека тоа што го работам има некаква вредност. Секако претставуваат поттик и обврска за понатамошно доусовршување и работа. Имам добивано безброј медали, дипломи и сертификати на домашни и меѓународни фото натпревари, како и учествувано на многу групни изложби. Би сакала во иднина да имам и своја самостојна изложба. Неодамна мојата фотографија „Waiting“ на најмасовниот светски фото натпревар 35аwards 2022, во кој зедоа учество 104.814 фотографи од 174 земји во светот и  вкупно 445.000 фотографии, влезе во Топ 35 фотографии во категоријата black&white mobile photography и беше избрана да биде објавена во официјалниот каталог на натпреварот. Ова за мене претставува еден огромен, личен успех.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.