Претставата „Енергични луѓе“ премиерно ќе биде изведена утре во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
Режисерот Александар Ивановски вели дека ова е негова прва претстава во Охридскиот театар, а на големо задоволство после неколку години разговори и договори околу тоа што би можело да се постави овде, дошле до текстот „Енергични луѓе“ од рускиот автор Василиј Шукшин. Верувам дека одлично ќе се вклопи со потенцијалите и богатството на охридскиот актерски ансамбл пред и се, вели тој.
Претставата и во однос на нашата работа и комуникацијата со публиката ќе биде една навистина голема театарска авантура, еден излет на непознат терен. Ликовите имаат една трескавична енергија, којашто ја разнесуваат скоро два часа по сцената, меѓу нив и кон публиката. Театарски ураган на којшто би ја повикал публиката да им даде простор да ги однесе заедно со себе. Мислам дека овие шест актери ја понесуваат публиката во едни простори, каде многу работи, пресврти и изненадувања се можни и мислам дека тоа е големо богатство на охридскиот театар, што има една таква подлога и моќ, да понесе многу нешта многу високо. Оваа претстава ќе биде дока за тоа како постои, се користи, расне и развива овој потенцијал, вели Ивановски.
Потенцира дека тоа што текстот „Енергични луѓе“ го носи како една иронија и цинизам, начин на гледање на реалноста, малку изместено од руските 70-ти години најде извонредно плодна почва за актерски, режисерски, театарски дијалог и се надева дека оваа комуникација ќе продолжи и во односот со охридската публика.
Директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“, Горан Симоноски, истакна дека ова е прв од трите проекти добиени од Министерство за култура што ќе се реализираат годинава.
Актерската екипа е целокупно од охридскиот Народен театар. Премиерата на претставата е во сабота на 14 мај, додека редоследно претставата ќе се игра секој петок, вели Симоноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.