Во музејот на македонската борба синоќа беше отворена изложбата „Хартии“ од македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски. На изложбата се претставени ретроспективни дела цртани врз различни видови хартија, создавани од неговите студентски денови до денес.

Творештвото на Сергеј, неговите дела, неговиот сликарски јазик, како и темите што ги обработува, се секогаш препознатливи и само нему својствени. Неговото сликарство, без разлика на сите промени, циклуси и периоди: „… бара, истражува, чувствува, реагира/кореспондира, допирајќи/користејќи притоа елементи и искуства од многу експресионистички ’настроени‘ – историски и современи правци“.

И покрај тоа што првата асоцијација за творештвото на Андреевски кај македонската публика се темпрестуозни дела изведени на платна, изгледа дека уметникот ги зел зборовите на поетот Вордсворт ( „Наполнете ја хартијата со биењето на вашето срце“) и оние на писателот Хемингвеј ( „Мојата цел е да го ставам на хартијата тоа што го гледам и што го чувствувам на најдобар и наједноставен начин“) како свое лично кредо. Тој навистина ја слика радоста на живеењето, а неговите дела, без оглед дали говориме за сликите на платно или, пак, за делата на хартија, полни со биењето на неговото срце, се предадени на најдобриот, најелегантниот и наједноставниот начин што тој го познава, со бурните потези на неговата четкичка, пишува Кирил Пенушлиски во текстот за јубилејната изложба на Андреевски.

Изложбата може да се погледне до 12 јуни во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Делата се од различни фази и тематски циклуси на авторот, почнувајќи од дела создадени уште во неговите рани студентски денови (од 1983 година) па се до последните патувањата на Андреевски низ светот. Така ќе бидат претставени творбите на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, Италија, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје), од нирнбершката фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, Германија), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни “Le Refuge de l’Arche” и студиските резиденции во париското “Cite Internationalle des arts”), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Ивано), згора слики и цртежи од патешествијата по Америка, во Тунис, Египет… И делата од циклусот „Кучињата лаат” што премиерно беше изложен во Москва во 2015 и оние од циклусот „Цвеќулиња“ што за прв пат беа изложени во Берлин три години порано се на оваа изложба, како и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата во авион, автобус, воз, на брод…

Најголемиот дел од нив се прошетани на неколку континенти, но никогаш до сега не биле изложени пред македонската јавност.

фото: Сашо Димоски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.