Прва самостојна изложба на Славко Круниќ, ликовен уметник од Белград, ќе биде отворена викендов во Галеријата МКЦ. (14.мај 19:30).

НЕСОНИЦА ЗА ДВАЈЦА
Дека неговата природа е номадска, на Славко Круниќ му било јасно уште додека бил дете. За жал, поради различни надворешни околности не успевал да воспостави рамнотежа помеѓу скитничките апетити и можноста за патување. Меѓутоа, проблемот го решил брзо. Море, за час!
Додека плеснал со дланките! Ја земал четката, го затегнал платното и почнал да ги слика
пределите и луѓето што ги сретнувал на своите патувања. Се разбира, не сите патувања биле баш потполно реални. Се вмешале тука и соништата. Со некои сопатници едноставно не можел да престане да се дружи и да се сретнува во најнеобични прилики. Се испоставило дека сликарските скитања на Круниќ не подразбирале само географски поместувања, туку и движење низ времето: во рикверц и напред. И во моментот кога сфатил дека природата на бајката суштниски е номадска, баш како што е и неговата лична (затоа што лесно го премостува и просторот и времето, а посебно општествените класи), забележал уште нешто што посебно му го привлекло вниманието. За време
на неговите изложби, некои луѓе се задржувале пред сликите мрморејќи си себе во брадата. Кога ги прашал дали можеби си зборуваат со замислени пријатели, сите одговориле одречно. Напротив! Тврделе дека ја слушаат приказната што им ја раскажуваат сликите. Славко Круниќ ги замолил и нему да му ја откријат содржината на тие приказни и да се запознаат. Така станал пријател со Мирјана Огњановиќ.
Бидејќи не станала гитаристка како што сакала (иако не колку што треба), Мирјана Огњановиќ почнала да се занимава со книжевен превод, пишување и новинарство. Тоа полесно ѝ поаѓало од рака. Веројатно поради добриот слух и чувството за ритам, а без потреба за макотрпно вежбање на зададениот нотен текст. И сето тоа воопшто не ја загрижувало. И така, во состојба на безгрижна вкочанетост предизвикана од несоница, прв пат ги погледнала сликите на Славко Круниќ. И види! Гледајќи ги, ѝ се причинило дека слуша тонови од некоја одамна позната музика. Не размислувала долго за кој инструмент се работи, затоа што било извесно дека тоа е оној што прегрнат се држи близу срцето. И наместо таа музика да ја запише како мелодиски диктат, лукаво се одлучила за зборови. Го сметала тоа за долго очекувана среќна случајност. И го сметала за предност!

МИС КРНТИЈА
Не одненадеж, туку полека, под налет на огромниот број информации – и којзнае поради што сѐ не – госпоѓица М. почнала галопирајќи да го губи паметењето. Затоа не се двоумела дали да донесе одлука и да се одметне, така што ќе се прекрие со студен слој лим. Пред да го заврти клучот и да се затвори во самотија без сувишни звуци, на светот му упатила поглед за кој ни самата, како и тие што имале можност да го сретнат, не смееле да тврдат дека е студен. Потоа запловила нишајќи се на брановите, имајќи предвид дека ледената конзерва штити од солениот океан од сопствени солзи.
Мирјана Огњановиќ

Кога се родил 1974 година, Славко Круниќ, идниот сликар, го здогледал градот Белград. Во
судбоносниот час запишал сликарство, кое потоа го изучува во класата на професорот Радомир
Рељиќ на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Магистрира во класата на професорката
Анѓелка Бојовиќ. Од 2000 година е член на УЛУС (Удружење ликовних уметника Србије), а од 2011 и на УЛУПУДС (Удружење ликовних уметника примењених уметноста и дизајнера Србије).
Изложувал на 35 самостојни и групни изложби во својата земја и во странство. Неговите
илустрации, исто така го најдоа својот пат до бројни книги и списанија. Плаштот на долго
сонуваниот сон на Славко Круниќ претставува почетокот на соработката со Политикин Забавник.
Како најголемо признание ги доживува илустрациите за омотите на објавените албуми на своите
бендови.
Живее и работи на релација Нови Сад – Белград.
www.slavkokrunic.net

Deep Steady е состав од Нови Сад, Србија и со својата музика ја спојува традицијата на јамајканската музика со американски џез-форми. Во основа нивните композиции се ска, реге и калипсо-ритми, проткаени со џез-хармонии и импровизации.


Членовите на Deep Steady се познати на српската музичка сцена од порано и дел од нив имаат членувано во состави како: Lost Propelleros, Ringišpil, Rab L Khali, Proleće, Killo Killo Banda, Drum ‘n Zez, Vojvođanski Bluz Bend.

Музичкото списание Hardwired во својата рецензија за првиот албум на Deep Steady го опиша албумот како „одважен музички, инструментален и креативен зафат“.

Deep Steady за прв пат во Скопје, во рамки на изложбата на српскиот ликовен уметник Славко Круниќ, на 14 мај, на плато МКЦ со бесплатен концерт веднаш по отворањето на изложбата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.