„Кајмак“ на Милчо Манчевски ја доживеа и премиерата во Тајван, каде се прикажува вон конкуренција на Филмскиот фестивaл Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј. Вчера и завчера имаше две преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер. Ова следеше по сесиите разговори со публиката која ја пофали приказната и кажа дека постојано изненадува.
По премиерата завчера, „Кајмак“ или „Дует во страст“ како што е тајванскиот превод на филмот, имаше и втора проекција, и уште еден разговор со публиката, а предвидени се уште две прикажувања. Во моментов, „Кајмак“ е на второ место по популарност кај публиката на фестивалот Златен коњ.
Во рецензијата за „Кајмак“ која е проследена со интервју со Манчевски на порталот „A Good Movie to Watch“, се вели дека режијата на Манчевски има „мајсторски фат“ и дека „разноликоста на расположението се протега на изведбата на ансамблот, кој се покажа повеќе од кадарен да ги игра обете страни на истата пара“.
Филмот има непредвидливo гледиште за кармичка правда и тоа треба да биде уникатно, трагикомично искуство за секој кој ќе има среќа да го гледа, се вели во рецензијата.
Во Тајпеј, каде штотуку малку се олабавија строгите ковид протоколи, проекциите на фестивалот се дозволени со 70% исполнетост на киносалите, а за „Кајмак“ вчера и завчера поради големиот интерес за средбата со режисерот Манчевски организаторот дури мораше да го ограничи времето за средбите со фановите. Исто така, пред и по проекцијата можеа да се забележат многубројни упорни фанови на Манчевски како го следат пред кино-салата и по блиските улици, барајќи автограми и да се сликаат со него.
Пред три години, на истиот фестивал тајванската публика час и половина чекаше во 20-метарска редица за автограм од Манчевски, кога премиерно беше прикажан филмот „Врба“. Овој пат, освен фотографирањата и автограмите ја искористија и шансата во двете сесии љубопитно да прашуваат и да продискутираат со него.
„Филмот ми побуди емоции и не ме остави рамнодушна“, „’Кајмак’ ме насмеа, но и ми отвори некои дилеми“, „’Кајмак’ е многу поразличен од ‘Пред дождот’, кој го имам гледано повеќе пати“… се дел од впечатоците и прашањата до Манчевски.
Тој одговори:
Сакам да правам филмови кои меѓу себе се разликуваат. Ако го повторувате истиот сентимент, тогаш сте само добар бизнисмен, но не и добар уметник. Во ‘Кајмак’, раскажувам љубовна приказна за возрасни. Постојат многу филмови кои го симплифицираат интимниот однос меѓу возрасните, ама во животот љубовните врски не функционираат на принципот – принцот и принцезата живеат долго долго среќно. ‘Кајмак’ е повеќе филм за тоа какви сме, отколку какви сакаме да бидеме“.
На втората проекција дојде и најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг со кого Манчевски се сретна и на светската премиера во Токио минатата недела.
За Манчевски особено драга беше средбата со професор Шанг-Синг Гуо, негов студент од Њујоршкиот универзитет, сега универзитетски професор. Гуо како студент два пати дојде во Македонија, за да присуствува снимањето на спотот„Македонија вечна“ и да учествува во снимањето на филмот „Мајки“.
Ти благодарам Милчо што го направи ‘Кајмак’, беше огромно задоволство да се гледа на големо платно со многу публика. Каква ноќ!“ напиша на социјалните мрежи композиторот Томас Фоген, еден од авторите на музиката за филмот, кој живее во Тајпеј.
„Лирска премиера“, изјави еден гледачите.
Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 и е еден од најстарите во Азија е конгломерат во кој се споени престижните награди Златен коњ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија.
Досега, во Тајван се прикажани речиси сите филмови на Манчевски, а во 2019 година за првпат беше гостин на овој фестивал, кога беше прикажан филмот Врба“.
По премиерата во Тајван, „Кајмак“ наскоро ќе ја има и македонска премиера, и потоа веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.