На 45. издание на фестивалот Скопско лето, Драмски театар Скопје на матичната сцена во петок на 27 јуни во 20 часот ќе ја изведе претставата „Фирма“.
Премиерата на претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, текст на авторот Роланд Шимелфенинг, беше изведена на отворањето на фестивалот РУТА во Драмски театар на 3 октомври и наиде на одличен интерес на домашната и на публиката на гостувањата во регионот. Во петок ќе биде 20та изведба на претставата.
Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст им ги додели на актерската екипа: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката на Нела Витошевиќ.
Режисерката Нела Витошевиќ во програмската книшка за претставата пишува дека Роланд Шимелфениг е еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори. Поради тематската актуелност „Фирма“ (Push Up 1-3) авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескрупулозната борба на индивидуата која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство се случува во ИТ-корпорација. Во тоа „застрашувачко“ опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата. Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерие за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во нивните големи празни станови, асоцијативни за нивната духовна и социјална празнина.
Драмски театар Скопје со настапот во рамките на Скопско лето ја заокружува оваа сезона на матичната сцена и најавува две гостувања на летните театарски фестивали во Тиват, Црна Гора и традиционалното учество на хрватското издание на фестивалот РУТА на Бриони, Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.