Со претставата „Мојот маж“, Драмски театар Скопје ќе учествува во натпреварувачката програма на „Фестивалот на медитеранскиот театар Пургаторије 2024“ во Тиват, Црна Гора. Претставата ќе се игра на Летната сцена во Тиват в недела на 25 август со почеток во 21 часот.
Од оваа година организаторот најави дека покрај наградите за најдобра претстава, најдобра машка и женска улога, награда за актерско остварување и визуелно техничка иновација се водедува и награда за најдобра режија „Јагош Марковиќ“, во чест на починатиот театарски режисер кој оставил длабока трага во театарската уметност во регионот.
Селекторот на фестивалот, Борис Лијешевиќ, истакна дека претставата „Мојот маж“, работена според колажот од расказите на Румена Бужаровска и авторските монолози е претстава што говори за проблемите на брачната структура на Балканот каде се’ се менува.
Тој вели: „Од фирми, продавници, држави, градови, се’ се менува, единствено односот кон жената е непроменет“. Лијешевиќ потсети дека според книгата на Бужаровска се направени неколку претстави во продукции на театрите од регионот, но во селектирањето за фестивалот, тој се одлучил за претставата на Драмски театар Скопје поради нејзината изворност и автентичност.
Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова – Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова – Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите ги толкуваат: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием кај публиката. Претставата се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ – Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.