В петок, во 20 часот во Драмски театар премиерно ќе биде прикажана новата претставата „Драми за принцезите“ од нобеловката Елфриде Јелинек во режија на Словенката Жива Бизовичар. Претставата е наменета за лица постари од 16 години.
Во „Драми за принцезите“ сите ликови ги играат актерки: Јелена Жугиќ, Ивана Павлаковиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Јасмина Василева, Нина Елзесер и Трајанка Илиева-Вељиќ.
Словенчката екипа, освен режисерката ја сочинуваат уште и првиот драматруг Ник Жнидаршиќ и сценографот и автор на музиката Јан Кремељ. Викторија Рангелова Петровска е втор драматург, костимите се на Александар Ношпал.
Циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“, нобеловката Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот, објаснуваа од словенечкиот тим што работеше на претставата.
Актерките на денешната прес-конференција кажаа дека со „Драми за принцезите“ нудат нова естетика и публиката ќе има можност да проследи нешто што можеби во многу мала мера е присутно на македонската театаска сцена.
Претставата ја отвора Јелена Жугиќ, која го толкува ликот на Снежана.
Снежана 100 години талка низ една шума, ни жива, ни мртва, во една состојба на undead, наидува на ловецот, и како по некое сеќавање тој треба да ја спаси. Има многу смрт во претставата, но смрт како единствен начин да се роди нешто ново. Ова ќе биде претстава во која публиката или ќе ужива и ќе се вози на еден емотивен ролеркостер или нема ништо да разбере. Меѓутоа, тоа е ризик што го прифати упрпвата на театаерот и сите ние, изјави Жугиќ.
Таа говореше за текстот и неговата повеќеслојност. Нејзина партнерка во сцената е Нина Елзесар, која го толкува ликот на ловецот.
Првата асоцијација е херметичноста на текстот и уживањето кога ќе почнеме слој по слој да одмотуваме и да сфатиме всушност што сака да ни каже авторката. За нас актерите текстот е основата од која тргнуваме да работиме. Долго време во процесот изгубивме на освојување на текстот. Но, во моментов кога го освоивме, се отвори еден цел свет на можности. Би било фантастично да имаме околу 2000 рефлектори во театарот, хидраулики на сцена. Но, со она со што распологаме, направивме нешто што ќе биде доста интересно, прво како ниво на текст, второто како ниво на екипа, вели Жугиќ.
Таа се присети дека пред точно 20 години имала можност да игра во една женска претставата, „Домот на Бернарда Алба“ и сега повторно е дел од една женска претстава.
Сега сме три или четири генерации на актерки, се створи една симбиоза и повразност меѓу нас и тоа е клучно за претставата да е тоа што е – нашата повразаност, нашиот емотивен влог. Па и нека прозвучам феминистички, зошто да не, текстот има една таква значајна нишка. Жената кога е сама е немоќна, меѓутоа кога ќе се спои со жена којашто поддржува друга жена – е тоа е моќ. Моќ што руши ѕидови. Не секогаш полните сали значат успешна претстава. Се надевам дека оваа претстава ќе има живот надвор од Македонија, онаму каде што сега овој начин на поставување на театар е во трка и во игра. Благодарна сум на екипата која работеше со нас и се надевам дека за нив Драмски театар, кој е сериозен театар во регионот со сериозни актери каде што нема фолирање, има соголување на чиста емоција ќе биде отскочна даска. Се е на ниво на симболи и се надевам дека јазикот ќе биде препознатлив, приказната ќе допре и дека ќе се бара карта повеќе, изјави Жугиќ.
Билјана Драгичевиќ Пројковска ја глуми Трнорушка, која ќе се боцне на трн од роза и се буди во еден необичен свет.
Се буди во нешто што не го препознава, но се труди да го врати во своите мисли и во своето постоење. Многу е тешко да се разбудиш, да не знаеш кој ќе те бакне, да не знаеш која ќе бидеш ти кога ќе се разбудиш. Се будам на возраст од 1000 години, имам 50 години и беше многу интересно кога ја добив улогата зошто јас да ја играм најубавата жена на светот. И така се доживува јас кога ќе се разбудам не знам на што личам, меѓутоа публиката ќе го има екслузивно право да види како изгледа една жена кога ќе се разбуди после 1000 години од својот задреман сон. Многу кореспондира нашата сцена со денешното општество, објасни Драгичевиќ Пројковска.
Нејзина партенрка е Сара Климоска која го толкува ликот на младиот принц.
Нејзината конфузија каде се наоѓа и кого го бакнува всушност ја прави сцената многу драматична. Каде е крајот на сцената е во крајот на краевите на приказните, додава Драгичевиќ Пројковска.
Единствениот монолог во претставата е на Трајанка Илиева – Вељиќ, која го толкува ликот на Џеки Кенеди.
Павлаковиќ и Василева ги толкуваат ликовите на славните поетеси Силвија Плат и Ингеборг Бахман.
Следните изведби, по премиерата се на 19 и на 23 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.