„Доаѓаме со поклон“ – голема изложба во Скопје на познатата уметница Шејла Камериќ ќе се одржи во вторник (27 септември), во Чифте амам, со почеток во 19 часот. Разговорот ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ.

Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, првпат во Македонија ќе пристигне Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата со наслов „Доаѓаме со поклон“.

„Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Воедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, преку кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Преку разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата“, велат организаторите на настанот.

КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања, кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Метафоричката вредност што ја содржи ова дело постои и во многу други на разни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично женски рутини: плетење, ткаење, работа во градината; да се биде мајка; па дури и да се биде подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Шејла Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамките на патријархалните општества и неолибералниот капитализам. Во таа смисла зборот „поклон“ со англискиот „спелинг“ bow би можел различно да се прочита и протолкува: тоа bow се однесува и на наведнување, свивање, покажување дека се предаваме, покоруваме, прифаќаме, што исто така вообичаено може да се види пред или по перформансот. Да се прочита зборот различно и да се согледа и со оваа конотација исто така е поврзано со тоа како живееле жените во општествата што ни се познати досега.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела („Емабаразада“ и „Непознато“), како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така, ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, кое продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на Hortus conclusus, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот „Свонси“: „Идејата да се заштитат жените од грев е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање тие ја спречуваат таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите“.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Некои од нејзините скорешни соло изложби се следниве: 2022: Kunsthaus Дрезден Robotron Kantine, Дрезден; 2021:КРАК Центар за современа култура, Бихаќ; Здружение Realstage, Сараево; 2018: Fondazione Adolfo Pini, Милано; Кибла, Mарибор и GAK Gesellschaft für Aktuelle Kunst, Бремен; 2015: ARTER Простор за уметност, Истанбул; Национална галерија на Косово, Приштина; 2014: Воен Театар, Сараево; 2012: Центар за современа уметност, Вилнус; Музеј за современа уметност, Белград; MSUM Mузеј за современа уметност, Љубљана; Sharjah Art Foundation, Sharjah Art Museum – мартовска средба, Шарџа; 2010: MACBA, Барселона; Röda Sten, Гетеборг; Prospectif Cinema, Центар Помпиду, Париз.

Групни изложби (избор): 2022: Manifesta 14, Косово; TATE Modern, Лондон; Kunstmuseum Волфсберг; Kühlhaus Берлин, MOCAK Mузеј за современа уметност, Краков; 2021: Национална галерија – Палатата, Софија; Нова Третјаковска галерија, Moсква; Mузеј на современа уметност, Sкопје; Уралско биенале, Eкатеринбург; 2020: Museum Kunstpalast, Дизелдорф; Boros Foundation, Берлин; Музеј Лудвиг, Будимпешта, Будимпешта; Museum für moderne Kunst, Бремен; 2019: The Phillips Collection, Вашингтон; Carré d’Art – Mузеј на современа уметност, Ним; Музеј на современа уметност Вроцлав, Вроцлав; Kunsthalle Дармштат; Weserburg | Mузеј за модерна уметност, Бремен; Второ Биенале на современата уметност Ковентри; 2018: Haus der Geschichte Австрија, Виена; Belvedere 21, Виена; Mузеј на современа уметност Загреб; 2017: Fondazione Nicola Trussardi, Милано; 2016: Hannah Ryggen Triennal, Tрондхајм; Times Museum, Гуангжу, Кина; Национален музеј на современа уметност, Букурешт; 2015: P21, Лондон; Wellcome Collection, Лондон; 2014: Kunstverein Hamburg, Хамбург; Австриски културен форум Њујорк (ACFNY), Њујорк; 2013: Tokyo Metropolitan Museum of Photography, Токио; 2012: Квангџу Биенале, Квангџу; Музеј на модерна уметност на Истанбул, Истанбул; Moderna Museet, Стокхолм; Биенале во Маракеш, Maракеш.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.