Денеска, (сабота, 9 април) во Музеј на македонската борба, со почеток во 20 часот, во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“ , концерт ќе одржи Ансамблот „МЕИТАР“ – Израел: Талиа Херцлих – виолина, Јони Готлибович – виолончело, Амит Долберт – пијано.
„Деновите на македонска музика“ и на ова издание на својата публика ќе ѝ овозможи откривање на современата музика други културни средини. Фестивалот оваа година повторно ќе биде домаќин на врвниот ансамбл „Меитар“, чие прво гостување во нашата земја се случи токму на „Деновите“ во 2018 година. Ансамблот „Меитар“ на ова гостување ќе престави дел од актуелното македонско и израелско творештво, изведувајќи дела од македонските композитори Сотир Голбовски, Мирослав Спасов и Михаило Трандафиловски и израелските автори Арик Шапира, Ели Корман, Јаир Клартаг. На овој начин, преку ваквите гостувања, ДММ продолжуваат да поттикнуваат значајна меѓукултурна размена и да создаваат инспиративна база за меѓусебна комуникација и интеракција помеѓу музичарите, композиторите и публиката.
За Ансамблот МЕИТАР
Признаен од страна на New York Times за својата „извонредност, грациозност и прецизност“ во музицирањето, ансамблот „Меитар“, основан во 2004 година од страна на уметничкиот директор и пијанист Амит Долберг се етаблира како еден од водечките ансамбли специјализирани за изведба на нова музика во Израел, чии членови се истакнати виртуози и музички професионалци. Од Тел Авив, ансамблот постојано гостува ширум светот каде настапува во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали како Центарот Помпиду во Париз, Собата на Персел во Лондон, Московскиот конзерваториум, Универзитет Јеил, Биеналето за современа музика во Венеција, Фестивалот Фруелинг во Хајделберг, 92Y во Њујорк, Фестивалот „Звучни бранови“ во Санкт Петербург и многу други. Членовите на ансамблот имаат реализирано уметнички резиденции во рамките на фестивалот МАТА во Њујорк, на Универзитетот Дармут, во рамките на фестивалот Zeitkunst во Берлин, на Израелскиот конзерваториум за музика во Тел Авив.
Во изминатите петнаесеттина години, ансамблот има нарачано и премиерно изведено преку 300 нови дела, а редовно соработува со композитори како Фабијан Панисело, Марк Андре, Валтер Зимерман, Филип Леру, Матијас Пинчер, Даниел Питер Биро, Иван Феделе, Чаја Черновин, Владимир Тарнополски, Гија Канчели, со издавачките куќи VERSO од Шпанија, ALBANY од САД, музичкото издаваштво при Израелскиот институт за музика и други.
Во текот на годините, ансамблот се закитил со бројни признанија за особен придонес во развојот на израелската музика и култура, меѓу кои наградите „Бинијами“ (2006), „Партош“ (2008) и „Ландау“ (2010). Ансамблот „Меитар“ е иницијатор на уникатна образовна програма за млади, наречена Проектот Тедарим, што им овозможува на музичари од различни полиња на делување (изведба, диригирање и композиција) можност да се едуцираат и да истражуваат нови хоризонти на современа музика и на специјалната програма за современа музика за деца насловена „Што е бука?“, која доживува огромен успех во Израел.
Освен тоа, ансамблот е основач на Фестивалот за нова музика CEME како и мастер класови за млади професионални музичари, каде досега настапиле Иван Феделе, Фабијан Панизело, Пјер Андре Валаде, членовите на Ансамблот „Модерн“ и други истакнати уметници.
Влезот е на концертот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.