Во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија на 26.5.2023 година, со почеток во 11 часот, ќе се одржи манифестацијата “Денови на шпанската литература”.

Манифестацијата ќе започне со блокот “Поезија од Лорка”, во интерпретација на Лилјана Стоилковска и учениците од гимназијата “Јосип Броз Тито” од Скопје.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе биде со поздравна реч на Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и Хосе Луис Лосано Гарсија, амабасадор на Кралството Шпанија во РС Македонија.

Потоа, д-р Марина Мијаковска од Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” – Скопје, ќе има осврт за објавените шпански автори и дела на македонски јазик.

На свеченоста, ќе бидат врачени и признанија за преводите од шпански на македонски јазик и од македонски на шпански јазик на проф.д-р Огнена Никуљски, на амбасадорот Хосе Луис Лосано Гарсија и заменик шефот на Мисијата, Ернесто Хередеро дел Кампо – за презентацијата, афирмацијата, размената и соработката на шпанската и македонската книжевност, уметност и култура.

Манифестацијата ќе заврши со трибина на тема “Подотворениот прозорец кон Шпанија и шпанската литература”, а на трибината ќе учествуваат: проф.д-р Христо Петрески (модератор), проф.д-р Огнена Никуљски, проф.д-р Кристина Николовска, проф.д-р Александар Прокопиев, проф.д-р Наташа Сарџоска и м-р Стефан Марковски.

Инаку, од 25 мај – 10 јуни, во книжарниците во Скопје и Републиката ќе има промоции и попусти на книгите од шпански автори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.