Саемот на книга со своето 34. издание се враќа во редовниот, пролетен термин на одржување, од 3 до 9 мај, во Арена „Борис Трајковски“, под покровителство на Министерството за култура на РСМ.

За време на саемските денови, сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови и изданија за 2022 година, ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти. Годинава се очекува да се вратат и групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата.

По повод 5 Мај, Ден на македонскиот јазик, на Саемот на книга ќе се одржи промотивен настан со наслов „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“ во организација на „Арс ламина“, на кој ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.

Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на МАИ (Македонска Асоцијација на издавачи). На 34. издание на Саем на книгата ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, како и од Турција, Србија, Косово, Албанија.

Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.