Богата програма од дури осум настани во Младинскиот културен центар најавува 6. Меѓународен фестивал за литература и илустрација „Литера“, што беше отворен синоќа во Младинскиот културен центар. Денот ќе започне со мастерклас посветен на Гизем Ѓозде Учар, наменета за илустратори и студенти. Два часа подоцна ќе следува средба со писателката за деца Зејнеп Севде од Турција.

Турската писателка за деца Зејнеп Севде

Во 13 часот авторката Александра Тодоровиќ ќе одржи две работилници со наслов „Мистериозниот град под калето“, наменети за деца од 8 до 10 години. Ќе следува работилница за 2Д-анимација.

Богата програма ќе следува и во попладневните часови. Во „Експо зоната“ на фестивалот, во 17 часот авторот Никола Маџиров ќе се сретне со својата публика и ќе разговара за неговата прва книга за деца – „Рокчето“.

Во 18 часот следуваат две работилници за деца. Едната е на тема „Летаме заедно со Бони и неговата волшебна торба“ со специјален едукатор и рехабилитатор м-р Катерина Димова во Креативниот корнер на фестивалот, а другата, во организација на „Арс ламина“ е работилница инспирирана од серијалите „Мирабела“ и „Исидора Мун“ од Хариет Мункастер.

Во секое издание на „Литера“ организираме и тркалезни маси на одредена тема што е важна за издаваштвото за деца и за илустрацијата. Овојпат во 19 часот ќе разговараме на темата „Големи приказни од мали земји“. Трибината ќе ја модерира Сребра Ѓорѓијевска, а учествуваат: Никола Маџиров, Јулијана Величковска, Живко Грозданоски и Гоце Наумов.

Веднаш потоа, од 20 часот во рамките на ОФФ програмата на фестивалот следува креативна работилница за возрасни, што ќе ја види актерката Ангела Стојановска.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.