Вечерва, во 19 часот во Музејот на Град Скопје се отвора петтото издание на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера 2023“, кој оваа година се одржува под мотото „Свет со љубов“.
Ќе бидат изложени повеќе од 200 илустрации, а свечено ќе го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на петдневната богата програма, Музејот на Град Скопје до сабота (27 мај) ќе биде епицентар каде што ќе се одржуваат мастеркласови, работилници за професионалци и за деца, промоции, читање сликовници и многу други настани.
На 25 мај (четврток) ќе се одржи конференција на тема „Македонска современа сликовница“, која ќе започне напладне.
На „Литера 2023“ гостуваат тројца врвни илустратори од Хрватска: Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ- Врачар и Бранка Холингсворт-Нара. Ним им се придружуваат петтемина академски уметници од нашата земја: Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска, кои се пријавија на конкурсот на фестивалот и беа селектирани за големата изложба. За поддршка на македонската илустрација, фестивалот ќе им откупи по едно дело.
Од тимот на „Литера 2023“ велат дека овој мал јубилеј на фестивалот ќе го одбележат со петдневно славење на професиoналната илустрација наменета за деца, сликовниците и литературата за деца.
Во тоа ќе ни помогнат тројцата врвни илустратори и креативци од Хрватска. Нивното присуство на фестивалот е особено важно, бидејќи, преку мастеркласови и предавања, ќе им го пренесат своето искуство на младите илустратори и на сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори. Нè радува интересот на авторите што учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинското место на авторите – велат организаторите, кои посочуваат дека фестивалот е отворен за јавноста.
Како што додаваат тие, фестивалот „Литера“ е фокусиран на новите генерации, а преку квалитетната илустрација за деца се развива визуелната култура на децата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.