Сликовницата е уметничко дело каде што децата, освен што уживаат, можат и да учат, вели Николина Манојловиќ Врачар, мултимедијалната уметница од Хрватска, гостинка на петтото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца и млади Литера. Фестивалот ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на Град Скопје.

На годинашното издание на „Литера“, покрај Манојловиќ Врачар, гостуваат уште двајца врвни илустратори и креативци од Хрватска, Доминик Вуковиќ и Бранка Холингсворт-Нара. Ним ќе им се придружат и домашни илустратори, писатели, автори на сликовници, издавачи, мултимедијални ликовни уметници.

На работилницата за илустрација Манојловиќ Врачар во петок, на 26 мај, во 17 часот, во Музеј на град Скопје, ќе ги води учесниците да го истражуваат ликовниот јазик барајќи инспирација во глаголите.

Николина Манојловиќ Врачар е родена во 1976 година во Загреб. Во 2001 година дипломирала сликарство во класата на проф. А. Рашиќ, на наставниот оддел на Академијата за ликовни уметности. Статусот на самостојна мултимедијална уметница го стекнала излагајќи самостојно и на групни изложби, работејќи ленд-арт, урбани интервенции и перформанси. Голем дел од времето го посветува на работа со деца. Од 2006 година пишува сценарија и ја води емисијата „Катчето на Нина“ на ХРТ, во рамките на програмата за деца и млади. Специјализирала креативна терапија, насока арт-терапија на Универзитетот „Јосип Јурај Стросмајер“ во Осиек.

Вие сте сликарка, писателка, илустраторка, уживате да работите со деца. Како ви успеа сето тоа да го поврзете и на крајот резултатот да биде многу успешен. Во што е тајната?

Манојловиќ Врачар: Многу ме радува играта и пронаоѓањето на необични и нови решенија во секојдневниот живот. Потоа сето тоа го пренесувам и во работата. Уживам во повеќето работи кои ги правам, па со радост ги прифаќам. Им се радувам на новите обврски кои доаѓаат. Верувам дека луѓето со кои соработувам ја препознаваат страста и одговорноста со која работам, па поради тоа секогаш имам работа.

Во Вашата работа многу сте посветени на децата. Како тие Ве инспирираат и што ние, воразните, може да научиме од нив?

Манојловиќ Врачар: Децата комуницират едноставно, јасно и директноо и сакаат да си играат. Токму тоа ние возрасните можеме да го научиме од нив.

Дали првпат доаѓате во Скопје? Познавате илустратори и писатели за деца од Македонија?

Манојловиќ Врачар: Во Скопје првпат бев многу одамна, пред отприлика…27 години. Го знам она што го работи илустраторот Ване Костуранов. Лани, на Фестивалот на сликовници во Пазин, Хрватска, го запознав Кристијан Јовановски, а благодарејќи на презентацијата на Софија Семенпеева-Трајановска и Сребра Ѓорѓијевска, се запознав со работата на македонскиот илустратор Димитар Кондовски. За жал, не познавам ниту еден македонски писател за деца. Токму поради тоа се веселам на гостувањето на „Литера“, со надеж дека ќе запознаам писатели во рамките на Фестивалот.

„Што сè – илустрирана енциклопедија на глаголи“ е темата на ликовната работилница што ќе ја одржите во рамки на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца. Што очекувате?

Манојловиќ Врачар: Се радувам што ќе ја запознам македонската книжевно-илустраторска сцена. Драго ми е што ќе имам множност да разменам искуства и контакти кои би ми овозможиле некои соработки во иднина. Оние кои ќе присустуваат на ликовната работилница ги очекува ликовна авантура во која ќе ја откриваме врската меѓу глаголите и сликарството. Водечкото прашање на работилницата ќе биде: Можеме ли да ја илустрираме книгата без користење (не цртање) именки?

Што е најважно за една сликановница да биде добра, односно децата да ја сакаат и да ја читаат?

Манојловиќ Врачар: Потребни се многу работи. Децата треба да бидат способни да се идентификуваат со она што е напишано во сликовницата, текстот треба да биде за нешто што им е познато, нешто што децата го доживуваат, размислуваат или набљудуваат во светот околу нив. Исто така, ликовно треба да им биде привлечно, тоа што е нацртано, илустрирано. Сликовницата е уметничко дело од кое што децата, освен што уживаат, можат и да учат. Сликовницата треба да биде уметнички и текстуално прилагодена на возраста кому му е наменета.

Специјализиравте креативна терапија, насока арт-терапија на Универзитетот „Јосип Јурај Стросмајер“ во Осиек. Може ли да ни кажете нешто повеќе, како фунцкионира креативната терапија?

Манојловиќ Врачар: Уметноста има моќ да ги заобиколи одбранбените механизми на нашата психа и да се поврзува со потсвеста, која е од голема корист во психотерапевтската работа. Многу работи што луѓето не можат, не знаат или не сакаат да го вербализираат, преку сликарството го наоѓаат патот до светлото на денот. Квалитетот на животот може да биде многу подобрен со помош на едуциран арт-терапевт. Во терапевтскиот процес арт-терапевтот комуницира со клиентот, обидувајќи се да ги реши внатрешните конфликти и трауматските искуства.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.