Под мотото „Крушево жив тестамент на културата“ од петпок и официјално почнува манифестацијата Крушево град на културата за 2023 година. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека „Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе ги промовира македонскиот идентитет и посебност“.

И не случајно што годинава, кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, даваме посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители. Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност. Да се биде „Град на културата“ не е само титула, тоа е можност да се прикаже уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар, рече Костадиновска Стојчевска.

Еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонска култура, а преку проектот „Културен град“ го зајакнува културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, преку соработка со локалната самоуправа. Богатата културна содржина, со вклученост на различни групи учесници ќе има свој придонес и за непосредниот економски и туристички поттик на општина Крушево.

Крушево е град музеј, овде се среќаваат вековни традиции и траги на крушевските трговци, прочуени низ светот, на револуционерното минато, објекти и колекции од оваа колепка на уметностите и занаетите. Крушево и во поновата историја продолжува да ја збогатува сликата за својата посебност користејќи ги сите свои ресурси и ретките природни убавини, рече Костадиновска Стојчевска.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски нагласува дека ова е значајна пресвртница за Крушево бидејќи го зазема заслуженото место како културен епицентар на нашата држава.

Титулата културна престолнина не е само признание, тоа е доказ за непоколебливата посветеност на градот кон уметноста, неговата посветеност на зачувување и прикажување на неговите културни богатства и неговата посветеност да ги инспирира идните генерации. Крушево ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата, рече Христоски на денешната најава на манифестацијата.

Манифестацијата ќе биде отворена в петок, на 26 мај. Попладнето ќе биде посетена Галеријата „Никола Мартиновски“, како потсетник на крушевскиот маестро и неговата уметност. Потоа, пред споменикот „Македониум“, камерниот оркестар од Битола ќе изведе концерт со наслов „Безвременска хармонија“, кога ќе настапат македонски солисти: Елена Ристеска, Мики Јованскови Џафер, Ристо Самарџиев, Дарио, Кристина Арнаудова, Пере, Нокаут, Наде Талеска, Димитар Андоновски, Тамара Стојковска, Марија Цветаноска, Александра Трајческа, и хорот Проарс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.