Културно-социјалниот простор Центар-Јадро и Младинскиот центар-Матично ги отворија вратите за уметниците на кои им беше одземен просторот за работа во МКЦ, велат од Општина Центар.

Од таму потенцираат дека ликовните и театарски работилници на уметникот Доротеј Нешовски и актерката Нина Максимова ќе продолжат да функционираат во креативен амбиент на културните катчиња во Општина Центар. Детското ликовно ателје на мултидисциплинарниот уметник Нешовски веќе почна со работа во Центар-Јадро.

Во општинскиот Младински центар-Матично е преместено и детското Драмско студио што функционираше во рамки на МКЦ-Скопје. Театарските работилници ќе се одржуваат еднаш неделно, во саботите, под водство на професионалните актери Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова.

Од Драмското студио исто така потврдија дека поради новонастанатата ситуација и неможноста да работат во МКЦ, привремено продолжуваат во „Матично“ до крај на мај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.