Четврта година по ред, Центарот за култура од Битола, својата нова сезона ја започнува со Концертот „Засекогаш во срцата„ кој го организира со Камерниот оркестар на Битола, а посветен е на споменот на големиот Тоше Проески. Оваа година, смртта на Аки Рахимовски, кој патем минатото лето во Битола со истиот оркестар го имаше еден од своите последни концерти, беше причина повеќе овогодинешниот концерт да биде посветен и на Тоше и на Аки, двете музички ѕвезди кои повеќе не се меѓу нас, а музицирале и на сцената на Центарот за култура и со битолскиот камерен оркестар со кој диригира Владимир Димовски. Заради огромниот интерес, наместо еден, беа најавени два концерти кои вечерва и утре ќе се одржат во Битола, а минатата недела, само што се најави продажбата на билетите, тие за неполн час и половина се распродадоа.

На концертот ќе настапат: Каролина Гочева, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Александар Тарабунов, Јана Бурчевска, Виктор Апостоловски, Нико Ѓоргиевски, Бојан Стојков, а на сцената ќе биде и хорот на Државното музичко училиште од Битола, чиј ученик беше Тоше Проески.

Ова беше повод и за денешната прес-конференција, на која директорката на Националната установа Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски ја најави целокупната програма која е планирана за оваа установа и штотуку потврдените проекти кои ќе ги поддржи Министерството за култура за календарската 2022.

Од областа на драмската дејност поддржан е 23-тиот по ред Фестивал на монодрама со 600.000ден, од областа на музичката и музичката сценска дејност поддржани се неколку проекти: Новогодишниот концерт со 250.000ден, гостување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“ со 50.000 денари, концертот на Симфонискиот оркестар на НУ Филхармонија со 50.000 денари, 14-тото издание на Фестивалот на музика од светот со 850.000 денари, концертна промоција на албумот “Нова ера” на Николче Мицевски со 200.000 денари, традиционалниот концерт „Засекогаш во срцата„ со 350.000 денари. Од областа на фолклорот поддржано е издавање на носач на звук на КУД Стив Наумов Битола со наслов „Јас и Битола„ со 120.000 денари, Семинар за традиционална музика и игра кој се одржува годинава по 14-ти пат со 300.000 денари, 52-то издание на Илинденски денови интернационален фестивал на народни игри и песни со 2.200.000 денари, поддржани се и 6 изложби: Интеграли на Илија Маџаров со 60.000 денари, Државната изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво„ со 70.000 денари, традиционалната ликовна работилница за деца со 60.000 денари, фото конкурс и изложба на уметничка фотографија 40.000 денари, проектот „Видна мистерија„ на Љубе Алексовски со 50.000 денари и Македонска резба на Веселин Поповски со 40.000 денари. Добивме и средства за инвестициско одржување, односно да поставиме подни плочки во горното фоаје, кое има дотраен под со што и овој дел ќе може естетски да се уреди за настани кои заслужуваат убав простор во нашата институција. Оваа поддршка е во вредност од 200.000 денари, истакна директорката на Центарот за култура во Битола на денешната средба со новинарите.

Најавен е и настан за месец март, кој не е е финансиран во годишната програма, за кој наскоро ќе има и официјална потврда, а директорката го најави како убаво изненадување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.