Со македонска премиера на „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски ќе се отвори годинешното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ кој ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола. Годинашен добитник на наградата за животен опус на „Браќа Манаки“ е оскаровецот Питер Бижу, соопшти директорот на Фестивалот Сименон Мони Дамевски на денешната прес-конфренција. Претседателот на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) Игор Иванов-Изи кажа дека актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреат на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм.

Филмот на Столевски, кој е и автор на сценариото ќе ја има светската премиера на Фестивалот во Венеција на 6 септември. „Домаќинство за почетници“ е во продукција на Лист Продукција, а директор на фотографија e Наум Доксевски.

„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Челај од Косово.

Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.

Добитникот на Златна камера 300, Бижу, е кинематографер на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 и пол недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања.

Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош. Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976. година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“, кажа Дамевски.

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Мони Дамевски и Игор Иванов Изи, директор на ДФРМ/Фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Во плодната кариера на Бижу специфична е соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група Монти Пајтон со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979. Бижу го сними „Животот на Брајан“, бурлескна комедија / пародија за животот на Исус од Назарет, а во 1981. „Временски бандити“.

Дамевски најави многу гости и богата програма на „Браќа Манаки“. Шестдневната програма на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде соопштена на наредните прес-конференции, како и добитниците на специјалните награди „Камера 300“.

Директорот на ИФФК Дамевски рече дека годинава во претселекција и со објавен отворен повик имале „огромен наплив на филмови’ во четирите програми, а селекторите, како што рече, го избрале кремот од поголемите фестивали. Годинава има нова програма, надвор од натпреварувачките – „Special selection“ со гости од филмски екипи и четири македонски копродукции кои не можеле да бидат вклучени во натпреварувачката програма која има 12 филмови.

На наредната прес-конференција ќе ги соопштиме сите наслови. Имаме 71 филм кои ќе одат во две киносали во Битола. Мораше да ги молиме селекторите да отфрлат понекој филм зашто нема каде да ги прикажеме. Фестивалот ќе има огромен број мастеркласови и неверојатни филмски професионалци – од најѕвездени, до оние кои сега се пробиваат во светот на филмот, рече директорот на ИФФК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.