Со бис и овации беше награден настапот на македонската оперска певица, сопранистката Ана Дурловски, синоќа на концертот „Го славиме јубилејот“ во Македонската филхармонија, која годинава одбележува 80 години од постоењето.
Македонската филхармонија, со полна сала, на најубав начин ја започна јубилејната сезона, насловена „Одисеја“.
Гостин диригент на концертот беше Јерухам Шаровски од Израел, кој за Ана Дурловски изјави дека е една од најдбрите оперски певици со кои работел во својата долгогодишна кариера.
Овој оркестар е моето срце, со него се врзани моите почетоци, првиот настап со оркестар го имав токму со Македонската филхармонија, кажа Ана Дурловски пред концертот.
Ана Дурловски, првенка во МОБ, и постојан член на ансамблот на Операта во Штутгард, Германија триумфално се врати на сцената по пауза од седум години.
За роденденскиот концерт беше изведена светската премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев и премиерната изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд. По паузата, на репертоарот беше симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски.
Следниот концерт е на 17 октомври и тогаш гостува францускиот пијанист Лука Дебарг, а ќе диригира Бар Авни од Израел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.