Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца „Три случаи за детективот Виксон Чудински“ од познатиот италијански автор Лука Дониели. Илустрациите се на Никол Доналдсон, а делото од италијански на македонски го преведе Живко Гроздановски. Делото е објавено со поддршка на Секторот за евриоинтеграции на Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Унија. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.

Со извесна доза на хумор, што наликува на британскиот, авторот случувањата ги сместува во Лондон, кој во книжевноста и во филмовите е познат по акциите на детективите. „Истрагите на детективите се толку банални, како да се невидливи. Но… Виксон Чудински е секојдневен детектив, толку секојдневен што никој не го гледа. Ова можеби изгледа како мана, но тоа е неговата најсилна страна: без да го видат, тој може да реши многу случаи, особено оние каде што е инволвиран злобниот Милтон Бобит, човекот со глава во форма на круша…“

Ова е само еден цитат од најавата за содржината на книгата.

Писателот Лука Дониели е роден во 1956 година. Сега живее и работи во Милано. Добитник е на повеќе врвни книжевни награди во Италија, а за „Три случаи за детективот Виксон Чудински“ ја добил наградата „Стрега“ во 2019 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.