Вечерва во Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи „Баланеску квартет“: Александер Баланеску – виолина, Јури Калнитс – виолина, Хелен Каминга – виола, Николас Холанд – виолончело.

Аудио продуцент е Дејвид Кент, а на програма се делата: А. Баланеску: Свита “MARIA T”, Mountain Call,Aria,Interlude, The Young Conscript and the Moon, А. Баланеску: Soul Etude, А. Баланеску: Luminitza.

„Баланеску квартет“ од неговото формирање во 1987 година, ужива репутација на еден од водечките состави за современа музика во светот. Негова движечка сила е романскиот виолинист и композитор Александар Баланеску, кој бестрашно го води квартетот надвор од музичките граници во непознати територии. Оваа потрага по вечно поместување на границите, „Баланеску квартет“ го приближува повеќе до бенд, отколку до класична гудачка формација и го рефлектира пасионираниот став на Баланеску за интеркомуникација и флуидност меѓу различните музички сфери.

Соработувале со композитори како Мајкл Најмен и Гевин Брајерс, со „Лонџ Лизард“ на Џон Лури, Орнет Колмен, Дејвид Брн, „Пет шоп бојс“… Нивните проекти се инспирирале од традиционалната романска музика, од музиката на „Крафтверк“… Концертите на „Баланеску квартет“ се препознатливи по својата енергичност и динамичност, свиреле на контрастни сцени како њујоршката „Knitting Factory“, лондонскиот „Roundhouse“ до Линколн центарот и стадионот „Вембли“…

Постојано трагаат по различни начини на презентација на нивната музика во нов контекст. Меѓу албумите со нивна авторска музика се издвојуваат „Possessed“, „Luminitza“ (инспириран од промените во источна Европа во 1989), „Angels and Insects“ (музика од истоимениот филм), „Maria T“ (омаж на познатата романска пејачка Марија Танасе),  „This is the Balanescu Quartet“, „East meets East“…

Квартетот потпиша и договор со издавачката куќа „Universal“ за трибјут албум, посветен на големиот романски композитор и виолинист Џорџе Енеску.

„Luminitza“ звучи како сосема нов музички јазик, длабоко обвиен со меланхолија, движејќи се во сфери во кои гитарите и електрониката се плашат да допрат… – „New Musical Express“

Александар Баланеску е оригинален романски виолинист кој се движи лесно како пеперутка од класичната музика во џез, источноевропска фолклорна музика, давајќи ѝ на музиката виртуозен призвук – „The Times“

Веќе четврт век, Александар Баланeску прави оригинална синтеза меѓу романското наследство и современата музика – како во „The Island“, албум кој слушателот го води во неочекувани насоки  – „Gramophone“

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.