Првпат, осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), голем дел од неговите прозни записи се објавени во книга. Од денес, таа е достапна во книжарниците.

На речиси шестотини страници се провлекуваат неговите размисли за поезијата, литературата, уметноста, културата, општеството и историјата, забележани во македонските, југословенските и во странски весници и списанија, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век.

Тоа е времето во кое, „по ужасите што ги запиша врагот во својот дневник“, генерацијaта на Ацо Шопов, во чии први редови тој чекореше за време на целиот свој творечки и општествен живот, стапуваше „на прагот на вистинската историја“ и, заедно со ќерките и синовите, трпеливо ја градеше оваа земја, „изрована од несон и себенаоѓање“, пред внуците да свртат нова страница во нејзината историја, за денес правнуците да живеат во еден сосема нов општествен поредок кој, и покрај радикалните разлики, се темели на оној што го откриваме во автопортретот на нашиот поет.

А неговиот автопортрет во издание на „Антолог“ е во најмала рака изненадувачки, затоа што колку што широката публика го познава суптилниот лиричар, толку е слабо упатена во другите книжевни и општествени дејноси на Шопов, кој во оваа книга се покажува како исклучителен есеист и беседник со изострен слух за литературата, ликовната уметност и филмот, како сериозен толкувач и критичар на општествените текови и драми, како строг полемичар, како ангажиран издавач и интелектуален работник.

Издавачката куќа „Антолог“ го најавува и настанот со кој, во вторник 19 март, од 19 часот, во Лабораториум (Бул. „Климент Охридски“ бр. 68, Скопје), ќе се одбележи објавувањето на ова дело од исклучително значење за културната меморија на нашата земја.

Книгата ќе ја претстават проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и првенецот на МНТ Никола Ристановски. Ќе им се придружи и Јасмина Шопова, приредувач на книгата и потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која ја организира промоцијата во соработка со „Антолог“ и со „Лабораториум“. Насловната корица на книгата е авторство на Марко Трпески а графичкото уредување на Бобан Здравковски Андреевски.

Кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, ФлипБук – Фестивалот на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.