Денеска во 10 часот, пред Собранието на Македонија Македонското археолошко друштво (МАД) организира протест против гласањето на измените на Законот за заштита на културното наследство кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка.

Со предлогот на група пратеници во Собранието за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, заради изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10д, се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство, реагираат од  МАД.

Предлог-законот во Собранието ќе се носи по брза постапка предвидува изведувачот на градежните работи да има обврска да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.

Археолозите велат дека е ова дрзок предлог на група пратеници со кој се прави целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита за културното наследство.

А со цел имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 пратениците бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата.

Во исто време во собранието по итна постапка ќе се гласа за измени на девет закони како оној за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи како и за номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.

За главен координатор за изградба на коридорот 8 владата го назначи Артан Груби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.